Целокупниот процес на гласање на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ според информациите насекаде низ државата се одвива мирно, има еден позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање, изјави кандидатот за нов лидер на партијата Венко Филипче, по гласањето на своето избирачко место во Општина Карпош.
Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник од СДСМ, Филипче, исто така, ги повика сите регистрирани членови да излезат да гласаат во што поголем број.
Во однос на сомнежите кои во изминативе денови излегоа во јавноста во однос на легитимитетот на постапката, Филипче, вели дека добиле известување од Централната изборна комисија дека тие сомнежи се неосновани.
-За спроведување на постапката одговорна е Централната изборна комисија која сите тие забелешки ги анализираше и не извести сите кандидати дека сите тие сомнежи се неосновани и дека целокупниот процес е легитимен, изјави Филипче.