Писателот и поет Виктор Шеќеровски, кој има македонско потекло, а живее и работи во Белград, Р.Србија, доби награда за животно дело од Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид, јави дописникот на МИА од Белград.
Следејќи ги древните македонски световни традиции, деветтата поетска манифестација која се одржа во духовно светилиште, црквата Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид, од пристигнатите 154 поетски творби, од кои 111 од македонски автори вклучувајќи ги младите поети и поетите од македонската дијаспора, како и 43 странски автори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Република Српска (БИХ) и Косово, наградите за животно дело оваа година ги додели на македонскиот книжевник од Србија-Виктор Шеќероски и на Паско Кузман познат македонски, балкански, европски и светски археолог, поет и публицист.
Прва награда за македонски поети од Дијаспора ја доби Ангелина Бачева Орбовиќ од Белград, додека Втора награда на странски поети ја доби Весна Стојкоска од Белград. Вероника Саздовска доби награда за млади поети, додека Љиљана Тричковиќ доби признание од поетска манифестација „Охридски поетски бисер-Охрид“.
- За нас, македонскиот јазик, почитувајќи ги сите светски јазици, е и ќе остане наш корен, наш стожер, наша духовност, наша опстојба и водилка кон иднината на идните македонски генерации, порача на доделување на наградите Мирко Томовски, претседател на Здружението за литература и култура Охридски поетски бисер Охрид.
Виктор Шеќеровски е најпознатиот македонски поет и писател во Србија, кој со децении живее и твори во Белград, есеист, преведувач, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, култура и лингвистика во Србија, автор на повеќе книжевни дела и поетски збирки, кои ги твори на двата јазици-и на македонски и на српски јазик.
Член е на Друштвото на писателите на Србија и Македонија. Беше оснивач и уредник во НИУМИЦ од Панчево-институција задолжена при Национаниот совет на македонците во Србија за издавање на списанија и книги на македонски јазик, беше уредник на списанието Македонска виделина, како и уредник на списанието за литература, култура и уметност ВИДЕЛО. Добитник е на повеќе српски и македонски книжевни награди.