Јован Деспотовски, еден од кандидатите за претседател на СДСМ, смета дека тоа што се случи во неделата не е крај на изборниот процес во партијата. Како што истакна денеска на брифинг со новинарите, работите не треба да се ставаат „под тепих“ и мора да се одговори на прашањето што ги одврати или предомисли 11-те илјади членови кои последниве 20 дена изразија желба да гласаат.
Според Деспотовски, СДСМ има сериозен проблем, се вршат притисоци, а не може да се зборува за регуларен изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Небулозно е, нагласи, Комисијата сама да не ги почитува своите акти, да објавува завршен процес, а потоа да вика, „ај, давајте приговори“.
Оценка на Деспотовски е дека „и политичките опоненти изразуваат загриженост за СДСМ, зашто партијата не си е потребна сама за себе, туку е потребна за државата“.
Деспотовски повтори дека не му честитал на Венко Филипче и дека се радува за него како другар, но тука, рече, не станува збор за Филипче, туку за нешто „многу поголемо“. Уште еднаш кажа и дека нема да биде дел од новото раководство доколку не биде избран за претседател, но дека ќе продолжи поинтензивно со својот политички ангажман во СДСМ, без да прецизира како ќе делува. Тоа, беше дециден, никако нема да значи фракционерство во партијата.
-Сакам да го видам крајот на изборниот процес во СДСМ. Ако сметаме дека е крајот тоа што се случи во неделата, не се согласувам со тоа. Не дека јас не се согласувам, туку има милион луѓе, илјадници, кои не се согласуваат со тоа. Зборуваме за 11 000 луѓе кои последниве 20 дена изразиле желба да гласаат. Секој втор од нив нешто го премислило или можеби го вратило од гласањето и сакам да знам зошто било така. Значи, не се причината годишните одмори, не е причината топлото време. Има многу други посуштински причини. И ние навистина им должиме, не на тие луѓе, туку на таа зграда и на партијата, одговор за тоа што се случи. Не може да зборуваме за изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Тоа е како во Собрание, од 120 пратеници СДСМ да каже, „вие од ВМРО нема да влегувате да гласате, ќе останеме внатре 30 души ние имаме 18 души ќе си избереме влада“, и тоа да признаеме дека е во ред. Јас мислам дека не е во ред, нагласи Деспотовски, одговорајќи на новинарски прашања.
Клучното прашање е, напомена, зошто секој втор што во изминатите 25 дена потрошил дел од своето време, на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање или се регистрирал за да гласа, не гласал, односно ниту отишол или можеби отишол и бил вратен.
-Не е во ред на гласање пуштате луѓе кои знаете како ќе гласаат, односно знаете дека ќе гласаат за вас, а притоа пак да им се протнат 25 отсто што гласале обратно, а на сите останати да не им овозможите да гласаат. Тоа не е во ред. Така што, кога ќе го исправиме тоа, тогаш ќе можеме да зборуваме за изборен процес. Така што, втората работа малку е смешна, излегуваме како Комисија или како партија и кажуваме процесот е завршен, избравме претседател, а наредниот ден одговараме на приговори. Останувам на прашањата што ги поставив и ќе инсистирам да бидат одговорени. А тоа е, зошто секој втор, значи секој втор, не секој десетти, секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање или се регистрирал за да гласа не гласал, односно ниту отишол или можеби отишол и бил вратен. Значи, секој втор. И ако сакаме да зборуваме за регуларен процес треба прво да одговориме на тоа прашање. Тоа не е прашање зашто треба да му удоволиме на Јован Деспотовски. Тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија, нема ниту една партија, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема таков луксуз да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процес на гласање, рече Деспотовски.
Според него, и во неделата и вчера и утрово луѓе постојано се јавуваат.
-Луѓето се вознемирени. Има луѓе кои се по 20 - 30 години во таа политичка партија со срце и не добиле ништо и некој им кажал „не излегувајте на гласање“. Значи, имаме и такви ситуации. Треба да се одговори кој ги прави тие притисоци. Различни структури. Зошто се правени тие притисоци. И втората работа е зошто кога стигнале на гласачкото место некој им рекол „не може да гласате“ без да ја знае причината зошто. Значи, имаме сериозен проблем. Повторно ќе кажам, не е ова за да му се удоволи на личната желба на Јован Деспотовски и не може да зборуваме дека работите се во ред кога не се во ред. А и да се држиме за техника која, патем речено, самата Комисија не ја почитува. Повторно ќе кажам, значи излегуваме вечерта кажуваме завршена е постапката – готово, а рокот за приговори тече. Од каде знаете јас што ќе поднесам во приговорот. Целата работа е многу комична, односно ја претставуваме многу комична, а всушност е многу сериозна, истакна Деспотовски.
Дополни и дека не и личи на ниту една сериозна партија да бара од луѓето да и веруваат и да им вели дека ќе се грижи за правна држава, ако дома не си го почитува куќниот ред.
-Навистина би сакал, прво, процесот да го завршиме како што треба и да им обезбедиме на луѓето одговори на прашањата што ги поставив. И второ, во моментот навистина немам никаква причина да се повлечам од изјавата која што веќе ја поднесов, дека нема да бидам дел од новото раководство доколку не бидам избран за претседател. Ај прво да ги завршиме овие избори. И повторно ќе кажам, веќе не е приказната Јован Деспотовски. Комисијата самата не си ги почитува своите акти. Објавува завршен процес а после вика „ај давајте приговори“. За што да приговарам, глупаво е, смешно е. Смешно е за политичка партија, не додржавме и затоа вечерта изреагирав така како што изреагирав, зашто беше навистина смешно. Не личи тоа на СДСМ. Не личи на ниту една сериозна политичка партија. Ние утре треба да се појавиме пред луѓето и да им кажуваме – верувајте ни, ние ќе се грижиме за правна држава, за почитување на се, а дома куќниот ред не си го почитуваме. Не бива таа работа. Навистина би сакал изборниот процес да го завршиме така како што треба, па потоа да дискутираме кој каде ќе се вклучи и како ќе се вклучи, одговори Деспотовски на прашањето дали ќе прифати ако му биде понудена некаква функција во СДСМ.
Во врска со Филипче, рече дека бил јасен.
-Мојата изјава беше јасна. Реков Венко ми е другар и се радувам за него како другар, и тоа ќе го повторам и тука не ми е никаков проблем. И нема да кажам ништо лошо за него заради тоа што сум го прифатил како другар пред 30 години со сите позитивни и негативни карактеристики како што ме прифатил и тој мене. Овде не станува збор за Венко. Овде е многу поголемо. Овде станува збор, јас повторно ќе кажам, дури и нашите политички опоненти изразуваат загриженост за СДСМ затоа што навистина таа партија не е потребна за СДСМ сама по себе туку потребна е за државата. Така што не станува збор дали Јован ќе излезе и ќе честита и работите под тепих ќе ги ставиме. Значи, не бива тоа така. Не знам и Филипче за кој менталитет зборува. За кој мајндсет? За мајндсетот кој повторно ќе каже, „тие што не се согласувате со мене, нема да учествувате во процесите“? Да, тоа треба да се смени, секако, зошто никогаш не било во СДСМ, потенцира Деспотовски.
Тој е дециден дека за фракција во СДСМ не станува збор.
-Не, ова значи продолжување на политичката активност. Фракција, поделба прават тие што им ги бркаат луѓето од партијата. Јас не ги избркав луѓето од партијата на тие избори. Јас зборувам во име на тие луѓе. Повторно ќе кажам, ние имаме процес. Сега, втората дилема е зошто 25, 85 исто така е легитимно. Ама не сме ни стигнале ние до тоа ниво да дискутираме. Тоа е работа за дискусија понатаму. Ама прашањето е што се случува од 12 до 23, кај се тие илјади. Значи, не зборуваме за 50 души и затоа ми е многу чудно кога некој ќе каже добро е тоа 50 луѓе се само, не се 50 луѓе, 11 илјади луѓе се, дообјасни Деспотовски.
Тој на брифингот соопшти и дека денеска поднел оставка од функцијата директор на ТИРЗ.