По повод една година од отворањето на Јуроп хаус Велес, вчера се одржа панел дискусија под наслов „Види го Вардар почисто“, инспирирана од неодамна започнатата кампања на Европската Комисија "Гледај на водата поинаку". Целта на панелот беше да се разгледаат причините за загадувањето на реката Вардар, да се анализираат последиците од загадувањето и да се предложат конкретни решенија за подобрување на состојбата. Дискусијата ја отвори заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, со краток говор за важноста на зачувувањето на водата во контекст на глобалната криза, Зелениот договор на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан. Тој во говорот ги истакна и уникатноста на Велес, велешкиот дијалект кој е основа на македонскиот јазик, големиот поет Кочо Рацин, Велешкиот театар и винскиот регион во долината на реката Вардар. Покрај ова, тој нагласи дека ЕУ значително инвестира во заштитата на водните ресурси во земјата. Панел дискусијата собра мислења од истакнати експерти од различни области, кои понудија свои перспективи и решенија за овој значаен проблем. Давор Пехчевски од „Еко Свест“ истакна дека обиколката по течението на реката Вардар е доволна за да се заклучи сериозноста на еколошкиот проблем, бидејќи реката е полна со пластични шишиња, остатоци од мртви животни, градежен отпад и диви депонии. Од друга страна, Лила Караташева, новинарка во ИРЛ и коавтор на прекуграничното истражување со Грција, „Отровна вода – отровна земја – отровна храна“, истакна дека новинарите често се соочуваат со пречки при истражувањето и објавувањето на овие случаи. Дел од дискусијата беше и Гоце Трпковски, новинар во Призма и автор на сторијата „Пречистителни станици – надградба на криво насаден систем“, кој посочи дека и покрај ограничувањата, важно е да се истражуваат овие теми заради нивната критична важност за животната средина. Мирјана Димовска, раководител на Одделение за безбедност на вода, санитација на животна средина и екотоксикологија при Институтот за јавно здравје и професорка на Медицинскиот факултет – Скопје, објасни дека загадената вода директно влијае на здравјето на луѓето, оставајќи трајни последици и врз животинскиот и растителниот свет. Панелистите на крај заклучија дека реката Вардар, која некогаш била симбол на плодност и виталност, денес е на работ на биолошка смрт поради загадувањето на водите, уништувањето на екосистемите и неконтролираното фрлање отпад и дека овие проблеми бараат посебно внимание и акција. Главната порака од дискусијата беше дека загадувањето не престанува да биде наш проблем откако ќе излезе од нашиот двор. Сето тоа се враќа преку почвата, подземните води и наводнувањето до земјоделските површини од кои произведуваме храна. Дискусијата ја истакна и потребата од зголемена свест и заедничка акција од сите чинители, како на локалната заедница, така и на институциите и меѓународните партнери, и фактот дека ваквите дебати треба да се почести со цел наоѓање на конкретни чекори за спас на реката, кои би биле клучни за животната средина и здравјето на граѓаните. Во првата година Јуроп хаус Велес организираше повеќе од 140 настани во кои учествуваа повеќе од 5.000 учесници. Настанот се заокружи со обележување на првиот роденден на Јуроп хаус Велес со музички концерт на дуото STARDUST. Присутните не само што уживаа во музиката, туку имаа можност и да се вмрежуваат, разменуваат идеи и дискутираат за идни активности и соработки