Во „Чифте амам“ во Скопје вечер ќе биде промовирана книгата „Уметност и револуција“ на еден од најзначајните и најпредизвикувачките теоретичари на уметноста и филозофи, Гералд Рауниг. Делото ќе биде промовирано низ дијалог меѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ. Преводот е на Катерина Шекутковска.

Промоцијата е во рамките на деветтото издание на КРИК – Фестивал за критичка култура. Мотото на фестивалот е „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“.

На македонски се објавени три книги од Рауниг – „Уметност и револуција“ во превод на Катерина Шекутковска, „Дивидуа“ и Дисeмблажа“, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, според copy left принципот, за кој Рауниг, исто како и „Контрапункт“ се големи застапувачи, ќе бидат објавени и online, во PDF формат.

„Уметност и револуција“ е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“ која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа која работи во Виена, која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од приказните за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа.

Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска меѓу уметноста и активизмот.

„Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти диктирани од пазарот и авторитетите и наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.

Книгата е издадена со поддршка на Гете институт – Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2024 13:37