Поради дефект водата во село Радожда не е за пиење, соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Струга.
Центарот за јавно здравје Охрид, според директорот Сашо Точков, констатирал дека водата во водоводот во Радожда, со кој стопанисува ЈП „Водовод и канализација“ Струга нема дезинфекционо средство, што претставува потенцијална опасност за корисниците.
- Првичните резултати од микробиолошката анализа од земените примероци утрово од две места од водоводот во селото се очекуваат во наредните два дена, изјави Точков за МИА. ЈП „Водовод и канализација“ апелира до населението да не ја користи водата за пиење до следното известување, посочувајќи дека превземаат мерки за нормализирање на состојбата.