Стружани да покажат висока граѓанска култура во секојдневните интеракции, возачите одговорно да ги почитуваат правилата во сообраќајот, да се регулира пристапот на приоритетните возила во случај на итност, спречување злоупотреба на водата за пиење, се само дел од мерките што треба да ги преземе Штабот за превенција на Општина Струга за создавање позитивна атмосфера за граѓаните и туристите во Струга.

За идентификување на проблемите и недостатоците и изнаоѓање начин за нивно решавање пред почетокот на туристичката сезона во Општина Струга одржан е состанок со претставници на сите релевантни институции во градот.

- Самиот состав на овој Штаб подразбира дека се дискутираше за проблемите со сообраќајот, особено во градот, за можноста од појавување пожари, злоупотреба со водата за пиење и со техничката вода, питачењето, кучињата скитници, паркинзите и нивно регулирање, јавното здравје и за надлежностите на комуналните инспектори, истакна за МИА раководителот на одделението за туризам при Општина Струга, Арменд Пушкуле.

Меѓу заклучоците на средбата било формирање работни групи за надзор на предложените мерки, заштита на патната инфраструктура од неовластеното сечење на асфалтот при изградба на објекти и блокирањето на улици без дозвола, спречување од уништување на урбаната опрема, превенција од пожари, отсранување на пречките поставени на улиците и тротоарите, заради слободен проток на пешаци, отстранување на хаварисаните возила. Штабот за превенција донел одлука и да се регулира местото за продажба на овошје и зеленчук на главните сообраќајни оски во градот и периферијата, регулирање на пристапот за возилата на Брзата помош и Пожарната во случај на интервенција во блокираните улици од неодговорни граѓани, подигање на граѓанската свест за заштита на животната средина и јавниот имот преку промотивни кампањи...

- Локалната власт веќе почна со превземање одредени мерки за одржувањето на чисти јавни и зелени површини, чистење на централното градско подрачје и главните улици, уредување на сообраќајната сигнализација, регулирање на поставената урбана опрема од страна на комуналните инспектори, како и заштита на животната средина, рече Пушкуле.

Општината, нагласи, работи на подготовка на стратегија за развој на туризмот, за што кажа дека добиваат помош од одделението за прекугранична соработка и проекти, за регионално поврзување со Подградец и со Охрид, како дел од регионот на Охридското Езеро како една туристичка дестинација.

Народна филозофија Пословици од Струга Ако беше убаво не ви го даваа. Ако браќата се тепаат, се растура фамилијата. Ако ви е брз јазикот, стрпете се. Ако лажете или крадите, ист грев прави

Тој забележа дека бројот на туристи и ноќевања од година во година расте, а очекува трендот да продолжи и оваа сезона, за што континуирано работат на промоција на туристичката понуда во општината.

- Секоја година, во Советот на Општината се носат повеќе програми, кои се директно или индиректно поврзани со туризмот, па според тоа настојуваме, според потребите и можностите, да ги реализираме активностите. Присутни сме на туристички саеми надвор од државата преку директно учество или од страна на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, појасни Пушкуле.

Посочувајќи ги предностите на Струга, како туристичка дестинација, тој нагласи дека поволната географска положба, климата, природното и културното богатство, како и богатата историја, традиција и храна придонесуваат во донесувањето одлука туристите да ја посетат.

- Од друга страна, треба да се наведе дека Струга како дестинација е релативно поефтина во цените на производите и услугите во туризмот и угостителството воопшто. Речиси секоја година се гради по еден хотел, со што се зголемуваат и капацитетите за сместување, оние постојните се доопремуваат и се обновуваат и унапредуваат. Истото се случува и кај приватните станоиздавачи, ги зголемуваат и усовршуваат капацитетите. Наша најголема предност се блиските плажи до куќите, апартманите и хотелите, што значи дека секој може да стигне на плажа со пет до десет минути пешачење.

Не ја изостави ниту реката Црн Дрим, која, како што нагласи, е атракција за посетителите каде капачите уживаат во водите, а на двата кеја се распослани угостителски објекти.

Иако, подвлече Пушкуле, голема предност е близината на Меѓународниот аеродром, тој се задржа на лошата патна инфраструктура како недостаток во привлекувањето туристи.

- Како недостаток во целокупната состојба е нереализацијата на големите инфраструктурни проекти, затоа што и Меѓународниот аеродром во Скопје игра важна улога во пристигнувањето на туристите до саканата дестинација, охридско-струшката ривиера Со сегашната состојба, дури и од аеродромот во Охрид е тешко да се пристигне до Струга или Охрид, забележа Пушкуле.

Друг сериозен недостаток, според него, е човечкиот кадар, особено во угостителските објекти, како и недоволната промоција од централната власт

- Струга е дискриминирана од централната власт како туристичка дестинација, и нема доволно скапи инвестициски проекти, кои само државата може да ги реализира, а нема доволна финансиска помош ниту за хотелските капацитети, истакна раководителот на општинскиот сектор за туризам.

Тој додаде дека во одделението за туризам секојдневно добиваат нови барања од физички лица за категоризација за сместување, а голем дел од барањата биле и за селските средини што, според Пушкуле, го потврдува фактот дека во Струга има интерес и за руралниот туризам.

Раководителот на Секторот за туризам при Општина Струга смета дека новото Министерство за култура и туризам треба сериозно да го слушне гласот на општините и заедно да изнајдат решенија, кои ќе помогнат во развојот на туризмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2024 16:09