Триесеттина деца од разни делови на државава беа учесници на првиот летен камп во бигорскиот скит на Светите браќа Кирил и Методиј, во селото Битуше.

- По идеја и со благослов на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, ова лето, во ова прекрасно место кое од Создателот на сета твар е дарувано со многу природни убавини, започнавме со организирање на летните школи за деца и млади. На овие летни кампови по веронаука, освен изучувањето на делото на Светите браќа Кирил и Методиј, на кои им е посветено ова свето место, се изучуваат и основите на православната вера, традициите и етичкото учење што од неа произлегуваат, рече сестра Ефимија.

Исто така, додава таа, се фокусираме и на развојот на сите добри потенцијали на децата, на нивниот креативен капацитет и на социјалната интеракција, коишто во денешно време особено недостасуваат меѓу нив.

-Радоста и џагорот кои се споделуваа беа причина за и жителите и дојденците во селото Битуше, заедно со своите деца и внуци да го посетуваат скитот и да остануваат таму преку целиот ден, учествувајќи заедно со децата кампери во различните видови на активности, нагласува сестрата.

Всушност, посочува, овој камп на некој начин имаше вонреден карактер, затоа што комплексот на Скитот сѐ уште се наоѓа во фаза на доградување и на подготовка.

Се надеваме, вели, дека, со Божја помош, ќе бидат обезбедени неопходните средства за целосно завршување на градителските активности.

Според неа за децата најрадосна била средбата со владиката Партениј, кој доаѓајќи во посета на дечињата, се запознал со сето она што тие го научиле и го стекнале како вредност во текот на оваа школа.

- Нему му изразија особено голема благодарност заради оваа негова иницијатива, замолувајќи го во иднина повторно да им благослови да бидат дел од оваа програма. Воедно, тие верно му ветија дека сѐ што тука научиле ќе пренесат и на своите другарчиња,

Од Свештената бигорска Обител изразуваат огромна благодарност до донаторите „Лакталис“, „Житолукс“, „Житополог“, „Кристал“, „Куќа на Мијаците“, „Драни Премиум“ и други добронамерни компании и граѓани, кои овозможиле голем дел од своите производи за оваа летна школа за деца.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2024 16:30