По поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда на судот за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 102 лица, донесена пред нешто повеќе од два месеци, денеска одново почнува судењето за сите осомничени, вкупно 21 лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Пред тричлениот Апелационен суд за прекршоци во Атина одново ќе се разгледаат ослободителни пресуди за 15 обвинети, како и висината на казните за петмина осудени.

Со пресудата од крајот на април, шест од 21 осомничени беа прогласени за виновни, меѓу осудените се тогашниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции, им беше одредена петгодишна затворска казна што можат да ја откупат за околу 40.000 евра, а меѓу оние кои беа ослободени беа тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот.

Соопштувањето на пресудата тогаш предизвика негативни реакции и тензии кај граѓаните што се наоѓаа во судницата, меѓу кои и голем дел роднини на жртвите, кои коментираа и извикуваа „срамота“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/07/2024 14:58