Досегашниот претседател на Советот на општина Гостивар Ваљбон Лимани е избран за вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар. На денешната вонредна седница на Советот, тој го доби мнозинството гласови, а против гласаа осуммина од советничката група на ДУИ. Избран беше нов претседавач и член на Советот.
Лимани важи за близок соработник на претходниот градоначалник Арбен Таравари, кој претходно во изјава посочи дека е можно решение и тој да ја преземе раководната функција.
Лимани пред изборот за в.д. градоначалник го отстапи претседавачкото место во советот. По гласањето неговата функција ќе ја извршува универзитетскиот професор Намик Дурмиши од редовите на Алијанса за Албанците која е блиска до актуелниот министер за здравство.
Ваљбон Лимани, кој во два наврати го водеше гостиварскиот општински Совет се заблагодари на укажаната доверба и најави дека до редовните или вонредни избори за градоначалник ќе работи на унапредување пружањето на општинските услуги, подобрување на инфраструктурата, а наскоро ќе определи и приоритети. Тој од советниците побара и поддршка за спроведување на програмата во неговиот мандат.
- Сите нас не обединува заеднички идеал. Ве сметам за тим и не ве разликувам од партиска, вера или етничка припадност. Ве гледам сите исти, како гостиварци. Гостивар мора да блесне за сите генерации што доаѓаат и за сите оние кои го сакаа. Гостивар е моја лична мисија, а со тоа и благосостојбата на секој негов жител, рече в.д. градоначалникот Ваљбон Лимани.
На денешната вонредна седница имаше и смена во советничките клупи и во редовите на четиричлената советничка група на ВМРО ДПМНЕ. На местото на координаторот Гоце Димовски, кој од минатата недела раководи со ТИРЗ, дојде петтиот од листата, Милан Јованоски. Наскоро се очекува да биде и пополнето и советничкото место кое му припаѓа на АА.
Поддршка за Лимани во обраќањата дадоа советничките групи од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, додека за неговиот избор против гласаа ДУИ и оценија дека заминувањето на претходникот било непочитување на волјата на гласачите. Новиот градоначалник на општина Гостивар е специјалист ендокринолог, вработен во универзитетската клиника во Скопје