Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак синоќа соопшти дека неделава се преземени конкретни чекори во однос на неколку практични проблеми, но оти нема напредок во спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација на односите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Само што ја започнав мојата посета на Лондон по бурната недела, која започна во Брисел, а заврши во Мадрид. Во Брисел бев домаќин на главните преговарачи на Косово и Србија, за да ги продолжам средбите на високо ниво од претходната недела. По повеќе од седумчасовни интензивни разговори, договоривме конкретни чекори во врска со неколку практични проблеми. За жал, не успеавме да постигнеме напредок во поширокиот контекст - спроведувањето на Договорот за патот кон нормализацијата, соопшти Лајчак на Фејсбук.

Тој додаде дека отпатувал од Брисел во Мадрид за да учествува на инаугуративната средба на Високата група на Светскиот економски форум за Стратешка меѓузависност и на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни работи.

-Двата настани беа исклучително корисни за дискусија за трендовите на европската политика и за размена на идеи со експерти за политики и практичари. За време на состаноците имав можност повторно да се поврзам со многу мои колеги и добри пријатели. Во Мадрид разговарав и за случувањата на Западен Балкан со државниот секретар за европски прашања на Шпанија, рече Лајчак.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2024 15:38