Претседателот на ХДЗ во БиХ, Драган Човиќ, предупреди дека политичката ситуација во Босна и Херцеговина е лоша, што го отежнува процесот на европска интеграција за кој сите вербално се залагаат, но смета дека тоа е дел од вообичаеното однесување во пресрет на локалните избори, закажани за октомври, па очекува потоа состојбата да се промени.
-Убеден сум дека имаме доволно основа да ја започнеме интензивната работа на Владата во октомври, а дотогаш да се обидеме да ја „спуштиме топката“ и да избегнеме кревање тензии, изјави Човиќ за агенцијата Фена.
Човиќ актуелните политички тензии во БиХ и во регионот во јули ги гледа како редовни и смета дека по одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, сите политичари и институции ќе ја преземат одговорноста за реформските и развојните процеси со кои се соочува БиХ. Првиот чекор, смета тој, треба да биде усвојување на буџетот во државниот парламент, за кој веќе е договорен Советот на министри и Претседателството на БиХ.
По октомвриските избори Човиќ очекува усвојување и на други реформски закони, што треба да обезбедат отворање на преговорите за членство со Европската унија во текот на есента, односно во периодот на унгарското претседавање со Советот на ЕУ.
Тој потсети дека има премногу нерешени прашања во последните 20 години, а се однесуваат на заштитата на уставната структура на државата, како и на измените на Изборниот закон. Со новите изборни правила, тврди тој, севкупните односи во земјата би се релаксирале.
-Мораме да се прилагодиме на опкружувањето во Европа, а не да се обидуваме да постигнеме некои цели кои не беа постигнати во војната. Босна и Херцеговина е неделива држава која има свое место во европското семејство. Од друга страна, оние кои се залагаат за граѓанската Босна и Херцеговина или целосната централизација на земјата мора да разберат дека подеднакво и штети на БиХ, како и на оние кои велат дека треба да се подели, ниту пак може да се спроведе, заклучи Човиќ