Марко Рошиќ, еден од четворицата осудени за убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, се наоѓа во бегство и полицијата трага по него, јави дописникот на МИА од Приштина.

Рошиќ беше осуден од Основниот суд во Приштина на 10 години затвор за помагање во убиството на Ивановиќ на почетокот на 2018 година.

Информацијата за бегството на Рошиќ во изјава за медиумите ја потврди заменикот-директор на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, кој информира дека Рошиќ е недостапен за властите уште од денот кога му е изречена казната, на 28 јуни.

- Дента беше донесена одлуката (на судот) околу 10 часот, а нам ни беше донесено решението за извршување на казната некаде околу пладне. Истиот ден отидовме да го приведеме, но тој не беше дома, изјави Елшани за порталот „Национале“.

Основниот суд во Приштина на 28 јуни осуди на вкупно 22 години затвор четворица косовски Срби обвинети за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари 2018 година во Северна Митровица.

Судот ги прогласи за виновни Марко Рошиќ, Недељко Спасојевиќ, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, а Силвана Арсовиќ и Раде Басара се ослободени.

На Рошиќ освен десет години затвор изречена му е и парична казна од 10.000 евра, Недељко Спасојевиќ е осуден на четири години и шест месеци затвор и 4.500 евра. Полицајците Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ се ослободени од обвинението за злоупотреба на службената положба, но осудени се на по четири години затвор за кривичното дело недозволено поседување, употреба и контрола на оружје, објави судијата Ваљон Куртај. Во казната ќе им биде вклучено и времето поминато во притвор и домашен притвор.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите, туку само нивните бранители.

Судењето на обвинетите за помагање во убиството на Ивановиќ започна во јули 2021 година, две и пол години по убиството.

За овој случај во бегство се Жељко Бојиќ, Звонко Веселиновиќ, Милан Радоичиќ и уште двајца непознати обвинети.

Оливер Ивановиќ беше убиен со шест истрели во грбот утрото на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата граѓанска иницијатива „Слобода, демократија правда“ во Северна Митровица



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2024 18:24