Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека не може да зборува за тоа кои тајни служби ја спречиле Србија да стане водечка земја во ископувањето литиум, бидејќи не сака да ја загрози позицијата на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Не можам да ви кажам многу други работи, бидејќи не сакам да ја загрозам позицијата на Србија. Мојот збор не е необврзувачки, мојот збор освен што наметнува обврски, наметнува и огромна одговорност и не сакам на Србија да и наметнам товар за дополнителна конфронтација со оние кои се посилни. Ова е доволно, да ние знаеме што правеле, рече Вучиќ, додавајќи дека тоа го правеле најмалку две западни служби.
Според него, целта била Србија да задоцни бидејќи доколку се почнало навреме, рудникот можел да се отвори во 2026 година.
-Би имале огромна предност пред сите останати. На овој начин повеќе немаме предност. Само се надевам дека нема да изгубиме каква било предност што би можеле да ја имаме во однос на другите во регионот. Исто така знам многу други работи за тоа кој што прави против Србија од различни страни на светот, за што никогаш не зборувам, за да не се караме со никого на светот, рече Вучиќ.
Тој додаде дека околу литиумот се води голема борба бидејќи сите го сакаат.
-Можете да изградите фабрика за батерии, катоди, па тогаш вака да го извезете. Не може да го извезете како суровина. И затоа ќе бидеме под дополнителни удари. Тоа е како кога земаат кафе од Уганда, Уганда добива една осмина од вкупната пара што го дала за целото кафе..., изјави Вучиќ.
Тој ги коментираше и изјавите на поранешниот американски и НАТО генерал Весли Кларк дека „Србија е руски пион на Балканот и дека Вучиќ сака да создаде Голема Србија“.
-Мојата порака до господинот Кларк е - секој кој следи што прави Србија, му е јасно дека ние не сме ничии пиони. Но бидејќи не сме Руски, така не сме ниту Американски. И никогаш нема да бидеме. Овде живее слободарски народ, кој секогаш почитувал и гинел за својата слобода, затоа што знаел дека слободата е најважна работа и би било добро тој да ја совладал таа лекција во 1999 година. Србија ќе служи само на својот народ, рече Вучиќ