Генерално, нема опасност за населби и инфраструктура од големиот пожар кај армискиот полигон „Пепелиште“, со опсег од десетина километри, гаснењето продолжува, информираа утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Нема опасност и загрозување на населби, објекти и инфраструктура, според информации од терен, но и денеска од утрово се дејствува врз пожарот, а ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“, појаснија од Центарот.

Во раните утрински часови, се дејствувало врз пожарот во реон на армискиот воен полигон „Пепелиште“ од страна на ТППЕ - Неготино и јавните комунални претпријатија од општината, а и со локална поддршка од месното население.

- Опасниот крак од пожарот што ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци, вчера е изгаснат, така што, не постои повеќе опасност од пожарот за двете села, истакнаа од ЦУК.

При утринската координација на ТППЕ од Неготино, ЦУК и МВР, било одлучено хеликоптер на МВР, утрово, да дејствува на теренот каде што е пожарот во правец од село Војшанци, кон сртот на планината Серта, за да не префрли пожарот кон Конечка Планина. Таму има густа вегетација од ниска шума, нискостеблеста иглолисна вегетација и висока трева.

- Дел од екипите на пожарникарите од ТППЕ и јавните комунални претпријатија од Неготино се концентрирани на поголемите жаришта од пожарот на планината Серта. Тие екипи, заедно и со дел од мештаните, континуирано дејствуваат во тој предел за да го стават пожарот под целосна контрола. Целата операција на дејствување врз пожарот е задолжен да ја води командирот на ТППЕ и по негова проценка, дека има потреба од дополнителни ресурси за справување и гаснење на пожарот, преку градоначалникот на општина Неготино, ќе ги побара од соседните општини, соопштија од ЦУК.

Армискиот хеликоптер „ми-17“ е планирано да се вклучи денеска околу 12 часот во гаснење на пожарот.

- Утрово, ЦУК упати и барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“ (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, што обезбедува оперативна поддршка во управувањето со границите, како помош и во нашата држава), споделија од Центарот



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2024 17:14