Според Конкурсот за упис во академската 2024-2025 година, што вчера го објави Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на студиската програма Семејни студии на Филозофскиот факултет може да се запишат 20 редовни студенти во државната квота, ист број редовни со кофинансирање на студиите и десет вонредни студенти, а соодносот е ист и на Родовите студии на овој факултет.

Насоката Семејни студии е акредитирана пред десет години, но останува нерешен проблемот студентите што ќе дипломираат како семејнолози т.е. го стекнуваат звањето дипломиран едукатор по семејни студии да може да се вработат во јавните установи центри за социјална заштита.

Со Законот за социјална заштита, звањето е признато во регистарот на работни места, но тие не се опфатени со член 197 од овој закон со кој би им се овозможило да бидат вработени во центрите за социјална заштита, покрај другите профили: правници, економисти, социјални работници, психолози...

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев за МИА изјави дека сѐ уште останува „битката“ за овие студенти, дека такви битки се вообичаени при востановување нови студиски програми и оти досега за ова е дискутирано со неколку министри за труд и социјална политика.

-Тие се влезени во Законот (за социјална заштита), во членот 194, и постојат како занимање, значи веќе се регистрирани како струка, ги има во нормативите и каде може да работат - во приватен сектор, во невладини организации, во општините итн., како што работат и дипломираните на Родовите студии кои се постари студии. Битката беше и двата профила да ги внесеме во тој (197) член. Министерката Мила Царовска не прифаќаше, со претходната (Јованка Тренчевска) преговаравме, но се случија изборите. Значи, треба само во еден член да се внесат. Тоа се нови програми и секогаш е борба во почетокот. Проблемот е само што не можат да работат во центрите за социјална заштита и тука ни е борбата во последните три години - да ги вметнеме двата профила, изјави Дуев за МИА.

Според деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, интересот за запишување на овие струки е просечен во изминатите години, но и дека општо има тренд на опаѓање на интересот за општествените и хуманистичките науки.

Посочува дека не се работи за продукција на броен кадар од овие насоки зашто дипломираат по десетина. Како што рече, семејнолозите најчесто работат во невладини и меѓународни организации, во јавни установи итн. Дипломирани на Родови студии и на Семејни студии, како што вели, работат и во општините зашто голем дел од локалните самоуправи во систематизациите за работни места бараат диплома од општествените науки.

Студентите имаат право да бидат информирани за ова, нагласува Дуев, и додава дека тие може во вториот циклус студии да продолжат на друга област и на тој начин да си го комплетираат звањето и „да не им зависи од првото звање“.

-И студентите во Велика Британија 50 проценти не работат по струка. Системот се менува, имаме доживотно учење, тоа е веќе како глобално отворено образование. Иако е тоа добар профил, кој ние го направивме меѓу трите профили: психологија, педагогија и социјална работа, којшто би бил фокусиран на трите области на семејството, но остана битката да влезат рамноправно со другиот кадар во центрите за социјална заштита, додаде деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2024 22:22