Високите температури, враќањето на печалбарите, како и големиот број туристи, двојно ги зголемија повиците во Итната медицинска помош во Струга, информира раководителот д-р Ѓорги Терпо.

Најчесто, според него, интервенирале на колапси предизвикани од топлото време, но неизостанувале ниту повиците за вирусни инфекции и инфаркти.

-Ако анализираме на дневно ниво, бројот на повици во Итната медицинска помош е зголемен за 50 отсто, додека за викендите имаме дополнителни 30 до 40 проценти повеќе интрвенции од веќе зголемениот број. Во ноќна смена ако досега сме имале 10 пациенти, сега ги имаме околу 30, изјави Терпо.

Тој апелира до граѓаните, посебно до повозрасната категорија, да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран и да конзумираат повеќе течности, најмногу вода.

-Во голем ризик се повозрасните граѓани кои никако не треба да излегуваат од дома во период од 10 до 17 часот. Праксата ни покажува дека најчесто не ја почитуваат таа препорака и затоа доаѓа до здравствени проблеми, посочи Терпо.

Според него, честопати се соочуваат и со лажни повици, поради кои залудно се губи време и ресурси, а голем проблем со кој се соочуваат е и сообраќајот во Струга и струшко, поради што екипите не можат непречено да си ја завршат работата.

-Големата гужва во сообраќајот и несоодветно паркираните возила се проблем на кој сериозно треба да се работи. Ќе наведам само еден пример, за да се стигне од Струга до Враништа треба многу време, а кога се работи за здравје, тоа време може да биде и кобно. Совеста на граѓаните на оваа тема мора да проработи, вели Терпо.

Итната медицинска помош во Струга, нагласи дека има доволно возила и медицински кадар и оти и во овој период на зголемен број повици прават се што е во нивна моќ за да се одговори соодветно на потребите.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2024 18:00