Од денеска наместо од 7 до 23 часот, зонското паркирање во Тетово во наредниве 30 денови ќе се наплаќа само до 21 часот, одлучиле општината и јавното претпријатие „Градски паркинг“. Намалувањето на времето за наплата е во знак на почит на иселениците, се вели во образложението на општината.

- Сите граѓани сега можат да го користат бесплатниот паркинг после 21 часот. Оваа одлука ќе започне од 15 овој месец до 15 август. Сега е време кога нашите иселеници се на одмор во својата татковина и во знак на почит и чест решивме да го скратиме времето на зонското паркирање за два часа односно два часа повеќе ќе имаме бесплатен паркинг. Исто така, училишните дворови во Тетово сега се бесплатни. Поаѓајќи од овој факт, би било добро возачите да ги паркираат своите автомобили на овие соодветните паркинг места за да се избегне сообраќаен хаос, се вели во објавата од Општина Тетово.

Минатата недела, ЈП „Градски паркинг“ постави летоци на возилата паркирани на булеварите „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ ЈП „Градски паркинг“ со барање да не се паркираат и со опомена дека истите ќе бидат отстранети со т.н. „пајак-возило“. Целта е да се ослободи сообраќајот во летниот период, е напишано на летокот.

- Презедовме акција автомобилите кои се паркирани паралелно на булеварот „Илинден“ да се отстранат бидејќи го отежнуваат движењето на сообраќајот. Тие можат да се паркираат во училишните дворови, на паркинг места и на затворени паркинзи, појаснуваат од Општина Тетово.

Не се дозволува паркирање на „Илинденска“ од крстосницата со улицата „ЈНА“ кај судот па се до крстосницата со булеварот „Видое Смилевски-Бато“, додека на булевар „Благоја Тоска“ од крстосницата со улица „Борис Кидрич“ до крстосницата со „Браќа Миладинови“ кај текстилно училиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2024 20:05