АХК Македонија е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот и веќе 24 години ги следи потребите и предизвиците со кои се соочува стопанството во земјата.

Од таму посочуваат дека задржувањето на младиот кадар во земјата и нивна мотивација да стапат на пазарот на трудот и понатаму останува еден од најголемите предизвици за економски развој на Македонија и дека еден од клучните предизвици во изминативе години и за германските, и за локалните компании, е се поголемиот недостиг на стручен кадар.

-На денешната средба со министерката за образование проф. д-р Весна Јаневска имавме можност заедно со Дејан Чуповски, координатор на програмата за дулано стручно образование, детално да ја информираме за програмата за дуално стручно образование по германски модел. Пред седум години заедно со германските инвеститори во земјата започнавме со нејзино спроведување, истакнува Антје Ванделт, директор на АХК Македонија.

Како што се наведува во соопштението од АХК Македонија, 15 компании се партнери, „како германски, така и македонски, но и други интернационални компании го сметаат германскиот модел како формула за успех, со кој ќе обезбедат млади кадри за своите компании“.

-Во моментов 450 ученици се дел од програмата за дуално стручно образование по германски терк, која се спроведува во осум градови во осум училишта. Не радува фактот дека и Министерството за образование од самиот почеток е наша поддршка во спроведување на програмата. На денешната средба министерката за образование Јаневска нагласи дека младите се во фокусот на Владата и Министерството за образование и наука и потенцираше дека постои голем интерес и за проширување на програмата за дуално стручно образование по германски терк, соопшти директорот на АХК Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2024 20:44