Изгаснат е крајниот северозападен крак од големиот пожар кој избувна пред шест денови на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, а доцна попладнево се гасне југозападниот крак, веднаш до границата со Бугарија, информираа од ТППЕ Струмица.

-Во раните утрински часови, тим од седум пожарникари од ТППЕ Струмица учествува во гаснењето на големиот пожар на планината Огражден кој за неколку денови опустоши стотици хектари нискостеблеста дабова и борова шума. Теренот е крајно непристапен, но сепак тимот успеа да се доближи до самото жариште на пожарот, соопштија од ТППЕ Струмица.

Гаснењето е во координација со четири авиони „Ер трактор“, два на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два од Република Турција. Пожарот ќе се гасне до крајот на денот.

Според информации од членови на Ловното друштво „Елен“ од Ново Село, кои се вклучени во гаснењето на пожарот, од бугарска страна беше вклучена механизација која со копање „пресеци“ не дозволуваше пожарот да се прошири.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2024 22:12