Пожарот на планината Серта на двете жаришта во штипскиот регион, освен од земја се гаснеа и со четирите македонски и турски ер трактори, и еден хрватски канадeр. Според информациите на градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов леталата интензивно фрлале вода од воздух, кај селото Драгоево се очекува да се стави под контрола, но критична останува точката кај приватното ловиште. Посочува дека леталата пред извесно време запреле со гаснење на огнот од воздух и се пренасочени во друг правец да гаснат пожари. Будно се следат огнените стихии, бидејќи минатите денови се покажало дека по 15 часот поради високите температури огнот се разгорува и се шири низ планинскиот предел.

Во меѓувреме на две локации се поставени базени или танкови во штипското село Софилари. Танковите се полнат со вода од реката Брегалница и имаат капацитет од осум илјади литри. Предвидено е два хеликоптери да можат да црпат вода постојано и на тој начин да реагираат во гасењето на пожарите. Одалеченоста на базените со вода од активните пожари е шест километри. Според Оливер Гичевски од Црвен крст на Македонија, согласно проценките на ваков начин може многу побрзо и поефикасно да се дејствува и да се стават под контрола пожарите кои неколку дена беснеат на Серта

-Ние вчера дојдовме по наредба од ЦУК, се одлучи да се постават вакви танкови за да можат хеликоптерите да бидат поблиску и да црпат вода за гасење на пожарите. Ние вчера направивме проценка, со дрон да видиме колку е одалеченоста од активниот пожар до нашата локација и тоа е шест километри и е доста блиску. Танковите се осум илјади литри но се поврзани со црева и црпат вода од Брегалница и постојано се полнат, вели Гичевски.

Базените се поставени во текот на вчерашниот ден и пожарот се гаси од воздух. Но, како што посочи Гичевски не се исклучува можноста и пожарникарите да се вклучат во ваквиот начин на гасење на огнените стихии.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2024 20:03