Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, друштво "Преспа" информираше дека продолжува обединувањето на Македонците во оваа земја.
Прогласат на друштвото за семакедонско помирување и обединување, објавен неодамна, го потпиша и Бесник Хасани, претседател на македонското друштво "МОСТ" од Голо Брдо.
- Нам Македонците не ни се потребни поделби, туку единство, кое не прави посилни во битката за остварување на нашите легитимни права и зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик, изјави за МИА, Едмонд Темелко, претседател на друштвото "Преспа".
Пред два дена прогласот го потпиша Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво "Илинден" - Тирана.
Од друштвото "Преспа" се убедени дека истото ќе го сторат и другите македонски друштва.
Во Албанија, покрај овие асоцијации на Македонците, во судскиот регистар се запишани и активни се и друштвата " Сонце" и "Прегор".
Темелко потсетува дека прогласат го упатиле "соочени со агресијата на бугарската асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“.
Исто така, не признавајќи ги " фалсификуваните и манипулирани резултати од пописот", се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија".