Васко Михалчев и Стоје Арсовски, се двајцата пензионирани пилоти кои беа вратени на работа поради недостиг на пилоти обучени за управување со авионите за гаснење пожари „ер трактори“.
Двајцата се вклучени во гаснењето на пожарите кои веќе десетина дена се активни на територија на државата.
На социјалните медиуми секојдневно се објавуваат фотографии со пофални зборови за нив.
Тие беа вратени на работа со одлука на Владата откако им беа понудени нови договори.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути на 12 јули во изјава за МИА потврди дека договорите со двајцата пилоти се потпишани и дека тие ќе се вклучат во гаснењето на пожарите.
За недостигот на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување, МИА пишуваше уште во април годинава. Под наслов „Критичен недостиг на пилоти во ДЗС – справувањето со шумските пожари ова лето ќе биде дополнителен предизвик“, МИА тогаш во разговор со директорот на ДЗС објави дека од тројца пилоти со кои располагала Дирекцијата, годинава останува само со еден пилот, бидејќи двајца ги исполниле условите за старосна пензија.
– Имавме тројца пилоти до крајот на 2023 година. На почетокот од оваа година, двајца заминаа во пензија и моментално имаме само еден пилот. Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот, изјави тогаш Максути