Жителите на Луковица бараат од Владата да испита како нивната Општина Желино ги потрошила над половина милион евра од државниот буџет, а не успеала да асфалтира делница до нивното село од нецели 5,5 километри. Луковица е единственото село без асфалтиран пат во Општината, месната заедница самата ја плати проектната документација од шест илјади евра и бараше помош од централната власт да обезбеди средства.
Во 2022 година Општина Желино доби 15 милиони денари, а во 2023 година и 20 милиони денари или вкупно 569.105 евра, но од предвидени 5475 метри успеале да асфалтираат 3725 метри, па останува дел од 1750 метри и понатаму како земјен пат.
Од месната заедница во Луковица сметаат дека општината склучила неповолни договори со фирми и сметаат дека средствата за доволни за целосно асфалтирање.
Миле Сибиновски, претседател на месната заедница образложува дека во 2022 година Владата одобрила средства од 15 милиони денари, а дополнително Општина Желино дала уште 960 илјади денари, за да се реализира пат од 2 километри или 7000 метри квадратни.
- Со тие потрошени средства од 15.960.000 денари поделено со километражата цената беше 37 евра по метар квадратен, а секаде се асфалтираше по 25-26 евра. За втората делница, добија околу 20 милиони денари, рече дека останатите од 3475 метри ќе ги асфалтира. Почна со асфалтирање, но се застана. Отидовме кај него да разговараме, да видиме зошто се прекина асфалтирањето на патот, а се асфалирал пат од 1750 метри или 6125 метри квадратни. Остануваат уште 1720 неасфалтирани. Рече дека парите толку биле, и дека понатаму ќе треба дополнителни пари, информира Миле Сибиновски на средба со новинарите од Тетово.
Тој вели дека е платена превисока цена за асфалтирањето.
- Јас им образложив дека според договорот за јавна набавка, потрошените 20 милиони денари за асфалтирање од 1750 метри излегува дека чини 53 евра за метар квадратен што е превисока. Му покажав дека во Македонија највисока цена за асфалтирање е 24 евра – асфалт чини 18 евра, и 6 евра чини тампонирање или 24 евра. Нека биде 25 евра, а Владата му пушти да има 27 евра, тој отиде на 53 евра. Кога му реков што е проблемот, ни рече имате правен лек. Затоа поднесовме жалби до Влада, Министерствата за транспорт и врски и до локална самоуправа, сега подготвуваме жалба и до Организиран криминал и Државна комисија за спречување на корупција, изјави Сибиновски.
Општина Желино во одговор на новинарските прашања за тврдењата на месната заедница вели дека се искористени сите средства според Основниот проект и поголемиот дел на проектот е квалитетно и навремено реализиран согласно проектна документација. Според нив останатиот дел што не е реализиран е затоа што немало доволно средства.
- Општина Желино ги почитува сите закони и прописи на Република Северна Македонија, и целата постапка за овој проект е базиран врз основа на позитивните законски прописи и поради ова сметаме дека констатациите на месна заедница на село Луковица се неточни. Имено, Општина Желино токму за овој проект има избирана понуда од понудувач кој нудеше најниска цена за овој проект, и истата Одлука за избор на понудувачот кој нудеше најниска цена е обжалена од страна на друг економски оператор кој исто конкурираше на овој Проект до Државна комисија за жалби по јавни набавки која ја потврди Одлуката од Општина Желино (Одлука бр. 09-291-6-2024 од 20.03.2024) која може да се види во веб страна на ДКЖЈН. Исто така сакаме да ве информираме дека се работи за проект кој се спроведува на планинско подрачје на кој и пристапот со механизација и условите за работа се потешки, се вели во одговорот на Општина Желино.
Посочуваат дека проектот за асфалтирање на патот до село Луковица е дел на програма за изградба на јавна инфраструктура на Општина Желино и истиот е приоритет што побрзо да се реализира.
Селото Луковица е единствено село со македонско население во Општина Желино