Доверители на поранешно „Фени" поднеле жалба до судот со која ја обжалиле одлуката за продажба на делови од магацин, во рамките на стечајната постапка што се отвори, пред комбинатот да биде продаден. Ова денеска го потврди за МИА, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот за индустрија енергетика и рударство.
- Се работи за други доверители, не се во прашање работниците, кои исто така се незадоволни бидејќи со помалку пари доведена е во прашање и исплатата на нивните заостанати плати. Ќе има второ наддавање. Точно е дека околу еден милион и 800 илјади евра е понудено од новите сопственици за материјал, делови, репроматеријали и руда од претходната фирма, од магацин. Проценетата вредност е скоро девет милиона евра. Значи околу 24 отсто од утврдената цена, е понудено при наддавањето, истакна Ѓерасов.
Тој додаде дека во моментов се нудат договори за вработување во новата компанија, со незадоволителни плати.
-Според Синдикатот, такви договори за вработување на поранешните работници во новата компанија што е формирана по стечајот и продажбата на поранешно „Еуроникел индустри", своевремено „Фени", не треба да се потпишуваат, рече Ѓерасов.
Тој подвлече дека будно ја следат состојбата со комбинатот за фероникел што некогаш броеше и до близу илјада вработени и беше гигант во кавадаречката и македонската економија.
- Од работата на комбинатот своевремено директно, што се вели, се хранеа околу илјада фамилии, плус уште неколку илјади преку добавувачите и транспортерите што беа ангажирани за потребите на компанијата, додаде тој, потсетувајќи дека по низа укажувања и протести на вработените кои беа незадоволни од состојбите во фирмата, фабриката замина во стечај, па беше продадена на турски инвеститор