Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека се договорил со амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко, двете земји заеднички да ја одбележат годишнината од ослободувањето на Белград во октомври годинава, јави дописникот на МИА во Белград.

Вучиќ ова го објави на Инстаграм по средбата со руски дипломат во Белград.

-Се договоривме за заедничко одбележување на 80-годишнината од победата над фашизмот и ослободувањето на Белград. Разговаравме за теми од заеднички интерес, особено во областите како што се трговијата, културата и регионалната безбедност. Ја повторив мојата благодарност до Руската Федерација за нејзината дипломатска поддршка на Србија на меѓународната сцена за прашања од фундаментално значење за нашата земја, напиша Вучиќ на „будучностсрбијеав“.

Тој додаде дека со Боцан-Харченко разменил мислења и „за актуелната состојба во земјата и регионот“.

Годишнината од ослободувањето на Белград од германскиот окупатор се слави на 20 октомври. Главниот град на Србија тогаш беше заеднички ослободен од југословенските партизани и советската Црвена армија.

На 70-годишнината од ослободувањето на Белград во 2014 година, во главниот град се одржа воена парада на која присуствуваше и претседателот на Русија, Владимир Путин.

Србија е една од ретките европски земји кои нема воведено санкции кон Русија по инвазијата што Москва ја започна против Украина во февруари 2022 година.

Сепак, официјален Белград во неколку наврати ја осуди руската агресија и нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 17:15