До 14 часот попладнево на територија на државава имало вкупно 20 пожари, од кои осум се активни, десет се изгаснати и два се ставени под контрола.
Директорот за Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов во видео изјава информира дека состојбата се менува од минута во минута.
- Денеска водиме жестока битка со пожарот на територија на општина Македонски Брод во насока на ловиштето „Јасен“ што се провлекува повеќе денови. Како поддршка на локалните пожарникари денеска испративме и 25 припадници на Единицата за брзо распоредување на МВР, како и 30 припадници на АРМ. Воедно, на потегот на овој пожар во текот на утрово дејствуваа и трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. За жал, на некои места гори квалитетна борова шума, соопшти Ангелов.
Според Ангелов, тежок пожар има на територија на општина Кочани, во атарот на село Главовица. Утрото интервенирале два хеликоптери (еден полициски и еден армиски).
Активен е и пожарот на Илинска планина на територија на Демир Хисар каде утрото дејствувале трите „ер трактори“ на ДЗС, четири локални пожарникари и 22 вработени од ЈП „Национални шуми“. Се користат и градежни машини за да се направат таканаречени противпожарни пресеки, односно појаси.
Четвртиот пожар е на територија на општина Прилеп, кој избил попладнево и моментално се наоѓа во атарот на селото Радобил. Испратени се локалните пожарникари од Кавадарци, како и припадници на ЈП „Национални шуми“. Во овој момент гори ниска вегетација, деградирана шума, но, според ЦУК, постои опасност пожар да биде зафатена квалитетна дабова шума.
Сериозен и исклучително тежок за гаснење, според ЦУк, е и пожарот на територија на општина Старо Нагоричане, кај селото Малотино, каде во гаснењето покрај локалните пожарникари учествуваат и четири лица од „Национални шуми“.
Пожар има и на територија на Битола кај селото Братин дол, каде гори сува трева и во секој момент се очекува да биде изгаснат.
Пожар избил и на територија на општина Гази Баба кај Идризово во близина на фабриката „Пилко“ каде дејствува скопската Протипожарна бригада.
Уште еден потежок пожар има на територија на општина Липково кај селото Никуштак, каде моментално гори депонија, но постои опасност да се прошири на локалната вегетација.
Под контрола е пожарот на планината Серта во долниот дел кај Штип и пожарот во Делчево каде што гореше депонија.
Ангелов нагласи дека денеска на повеќе локации од страна на градоначалниците е побарана воздушна поддршка.
- Во овој момент на располагање ги имаме трите „ер трактори“ на ДЗС, како и два армиски и два полициски хеликоптери, но поради нивните ограничувања, не сме во можност истовремено да ги испратиме на сите локации. Апелирам и до градоначалниците и до локалните Територијални противпожарни бригади да се фокусираат меѓу другото и на користење на градежна механизација, бидејќи истата е исклучително корисна за правење на таканаречени противпожарни појаси, рече Ангелов.
Апелира до сите граѓани кои поседуваат викендички или куќи во полунапуштени или напуштени села, да изработат таканаречен мек појас околу сопствените викендици, бидејќи, како што рече, во овој момент веќе има опасност да бидат зафатени неколку стари куќи во неколку македонски села