Повеќе од 40 еколошки организации од Западен Балкан и од Европа денеска побараа од германската банка за развој КфВ (KfW) да го прекине финансирањето на производство на енергија од дрвна биомаса во Србија, за да се избегне опасноста од понатамошна деградација на шумите.

- Дрвната биоенергија во Србија се финансира со средства од германската Влада наменети за намалување на ефектот на стаклена градина, но планираните инвестиции ги загрозуваат шумите во Србија, влијаат на нивниот екосистем и го влошуваат нивото на загаденост на воздухот, наведуваат еколошките организации.

Утврдено е дека нелегалната сеча на шумите е широко распространета во Србија и дека не постои законска и административна рамка за заштита на шумите.

Еколошките организации наведуваат и дека во 2021 година, 500 научници преку отворено писмо предупредија дека дополнителната сеча на шумите поради биоенергија ќе го зголеми загревањето дури и кога дрвото ќе ги замени јагленот, нафтата и гасот.

КфВ, која е во државна сопственост, е главен финансиер на контроверзната Програма за обновлива енергија во Југоисточна Европа, вреден 32 милиони евра, што почна во 2017 година.

Програмата доведе до изградба на четири електрани во Србија. КФВ во мај одобри две нови кредитни програми во вредност од речиси десет милиони евра, за изградба на уште шест електрани од дрвна биомаса.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 18:41