Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беа промовирани новите шест лесни оклопни возила JLTV, а на презентацијата присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, министерот за одбрана Владо Мисајловски, заменик министерот за одбрана Елфет Исмаили и генерали од Армијата.

Министерот за одбрана Мисајловски истакна дека соработката со нашиот стратешки партнер САД добива на интензитет.

-Денеска сме во касарната „Јане Сандански“ во Штип каде се наоѓа нашата декларирана единица Лесниот пешадиски баталјон кој од 2026 година ќе треба да биде подготвен за упатување на операции и мисии во случај на потреба.За да биде оваа единица подготвена и опремена ние заедно со САД и останатите сојузници даваме максимален напор на тренинг, обука, едукација и се разбира модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите и која е согласно долгорочниот план за развој на одбранбените способности и планот за опремување и модернизација на Армијата. Во согласност со договорот Влада со Влада помеѓу Македонија и САД денеска ги промовираме новите шест пристигнати возила кои се наменети за оваа единица, рече Мисајловски.

Посочи дека нашата Армија располага со 38 вакви возила, а согласно договорот до крајот на 2025 година треба да стигнат и останатите 58 возила, како и сите оклопни возила „страјкер“ што се 42 и кои ќе бидат наменети за развој на лесната пешадиска баталјонска група и тимовите за специјалните операции.

-Овде сакам да изразам огромна благодарност на Амбасадата на САД, до амбасадорката и до Канцеларијата за одбранбена соработка за активниот придонес за развој и модернизација на Армијата. Партнерството е силно и заеднички продолжуваме да придонесуваме во безбедноста и мирот, вели Мисајловски.

Амбасадорката на САД, Агелер истакна дека и претставува чест што овој настан се случува веднаш по одржувањето на НАТО-самитот, а какошто рече ова е уште еден доказ за пријателството со Република Северна Македонија, како и посветеноста и жртвите коишто државата ги прави.

-Оваа делегација беше навистина добро пречекана во САД. Делегацијата предводена од премиерот и министерот за одбрана поради пријателството и сојузништвото како и огромниот придонес којшто го давате на НАТО Алијансата. Затоа во име на САД, во име на претседателот на САД, нашата Амбасада и Влада се разбира, дозволете ми навистина да се заблагодарам за тоа што вие и вашата држава ги почитува обврските коишто ги презема.И нема подобар доказ од овие лесни оклопни возила JLTV коишто дојдоа тука и би сакала да кажам дека лично имав можност да се уверам во нивните способности и да се возам во нив, така што можам да кажам дека навистина беа удобни, рече Агелер.

Премиерот Мицкоски во своето обраќање истакна дека во периодот што следи партнерството со САД продолжува во делот на соработката помеѓу двете армии и ќе се надгради, но не само во Министерството за одбрана.

- Ќе се обидеме тоа да го пресликаме и во другите министерства како што е МВР, но и онаму каде што е потребна современа опрема за да можеме да одговориме на предизвиците на новото време. И тие предизвици не мора да се само воени. Гледате што се случува поради екстремно високите температури ова лето и пожарите коишто секојдневно се случуваат. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на сите оние луѓе коишто учествуваат во гаснењето на тие пожари, но истовремено знам дека и голем број од припадниците на Армијата се вклучени во борба со огнената стихија и припадниците на МВР исто тука, но и голем број македонски граѓани коишто доброволно се вклучија во борбата со оваа огнена стихија и потребна ни е модернизација и во тој дел, во делот кога треба да се управува со кризите и со кризните состојби, рече Мицкоски.

Забележа дека на нашата земја најитно и се потребни современи модерни летала, авиони или хеликоптери коишто ќе бидат во функција и на МВР.

- Знам дека Министерството за одбрана е веќе во фаза на еден таков процес на набавка на такви воени летала хеликоптери, но и на оние луѓе коишто го управуваат кризниот менаџмент, коишто се справуваат со ваков вид на предизвици потребни се таков тип на алатки и летала за да можеме уште побрзо и уште поекспедитивно да се справуваме со истите. Потребни ни се дронови, потребно ни е рано детектирање, превенција за да не дојде потоа до ескалација, а таа ескалација може да доведе до несогледливи последици. Така што очекувам во периодот којшто следи како Влада да се фокусираме и на овој тип на осовременување и модернизација, да не биде тоа само за офанзивни или одбранбени причини, туку да биде и за транспорт, справување со кризни состојби како оваа што е со пожарите, истакна Мицкоски при денешната посета во касарната „Јане Сандански“ во Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2024 18:44