Природните чешми во Велес се епидемиолошки несигурни, со непостојан квалитет, со висок процент на бактериолошка и физичко- хемиска неисправност, покажале последните анализи на вода од страна на екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.

На секоја природна чешма екипа на оваа јавна здравствена установа постави табли со натпис „Водата НЕ СЕ ПИЕ“ , информира за МИА, ,д-р Снежана Петрова, специјалист по здравствена хигиена и екологија од оваа јавна здравствена установа.

-Ваква беше состојбата со овие чешми и во изминатите години, а се повторува и оваа лето, но сепак дел од граѓаните секојдневно посебно во топлите летни месеци секојдневно од нив полнат и пијат вода за себе и своите семејства. Ние ставивме предупредување со табли на природните чешми бидејќи нас како јавна здравствена установа се грижиме за здравјето на граѓаните, а на нив е да одлучат дали ќе не послушаат и со тоа ќе си го заштитат сцоето и здравјето на своите семејства, потенцира д-р Петрова.

Таа информира дека како и во изминатите години и годинава бактериолошки неисправни води се и поголем дел од селските чешми и бунари во поширокиот велешки регион на општините Велес, Градско и Чашка.

-Во овие неисправни мостри на вода од селските чешми и бунари како и во изминатите години и при последните наши анализи на вода пронајдени се ешерихија коли, колиформни бактерии, што се индикатори на фекално загадување. Тоа се патогени бактерии или тој што се навикнал да ја пие водата, можеби и нема никакви симптоми, но некој што прв пат ќе се напие, сноси ризик од појава на цревни симптоми, проливи. Воедно преку оваа неисправна вода од селските чешми и бунари тие што пијат вода постои можност да се пренесат и други загадувачки материи- вируси, заразен хепатит, дизентерија, предупредува д-р Петрова.

Воедно информира дека и според последните од нив направени анализи на мостри од вода неисправни се и оние селските водоводи во велешкиот поширок регион на општините Велес, Градско и Чашка , а каде водата постојано не се хлорира. Се препорачува да се воспостави редовна континуирана дезинфекција по пат на хлорирање на селските водоводи и да се отстапат на стопанисување на стручна овластена стопанска организација, порачува д-р Петрова

Додава дека сепак има и мал дел на селски водоводи во велешкиот поширок регион, а каде водата редовно се хлорира и истите се исправна за пиење. Потенцира дека сепак најиспрвана се селските водоводи кои се приклучени на градскиот водовод преку ЈКП „Дервен“ од Велес.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2024 16:14