Договор за франшиза, изградба на хотел ,,Холидеј ин", во новиот мол на „Литл Америка" што е во изградба, беше потпишан денеска во Кавадарци. Хотелот ќе биде во рамките на комплексот станбени згради и трговски центар под името „Little America“, инаку инвестиција на кавадарчанецот Трајче Зуко Ристовски, кој над дваесет години работи и живее во Америка со своето семејство.

- Всушност, станува збор за потпишување на договорот за франжиза на хотелот што е во склоп на „Литл Америка" со „Холидеј ин", помеѓу инвеститорот на овој мега проект, „Тиквеш инвест", со меѓународниот синџир на хотели, како дел од групацијата, ІHG Hotels and resorts, беше појаснето на настанот.

На потпишувањето на договорот од страна на Ристовски и Живорад Васиќ, директор на IHG Hotels and resorts за источна Европа, беа присутни и премиерот Христијан Мицкоски и претставници на Американската амбасада.

Васиќ изјави дека Кавадарци ќе биде еден од најдобрите хотели во регионот. Васиќ додаде дека објектот ќе вработува преку сто нови работници и ќе придонесе за развој на винскиот туризам.

Градоначалникот Митко Јанчев рече дека е ова позитивен пример, кога сограѓанин кој повеќе од дваесет години живее надвор од државата, станува инвеститор со околу триесет милиони евра инвестиција и позитивен пример, како треба да се даде поддршка и сигурност за таквите инвестиции. Тој изрази уверување дека ова ќе охрабри и други да ги инвестираат во родната земја, за општото добро на сите.

Јанчев рече дека премиерот дава максимална поддршка на инвестицијата и на издигнувањето на општината.

- Економијата во Кавадарци е добро развиена. Со повеќе од еден и пол процент на невработеност. Втора општина по БДП, што внесува брендови и други инвестиции, се зголемува квалитетот на живеење. Општината и натаму ќе се издигнува со поддршката од Владата, подвлече Јанчев.

Задоволство од настанот изрази и премиерот кој му се заблагодари на инвеститорот, нагласувајќи дека неговиот пример треба да го следат и други, насекаде во светот, да не ја забораваат татковината.

- Ефектите се огромни за економијата. Да се има еден ваков водечки светски бренд, е чест во Кавадарци. Од презентацијата можев да видам дека станува збор за импозантна градба, градба што ќе го развие целиот регион. Сега и Кавадарци ќе биде многу пожестоко на туристичката мапа. Голем број од туристите кои го посетуваат регионот поради, според мене, најубавото вино во Европа, но и највкусното грозје во Европа, сега ќе имаат уште еден поголем репрезентативен светски квалитет, сместувачки капацитет. Самата градба вработува луѓе, придонесува во локалната економија. Благодарност и до Јанчев што административно го следи овој проект. Благодарност до сите кои се вклучени во овој проект. Како Влада имаме цел да донесеме што е можно повеќе вакви инвестиции, да се поддржат и да се биде лидер во регионот, рече Мицкоски.

Премиерот посака новата инвестиција во Кавадарци, да придонесува во кавадаречката и националната економија.

Изградбата на комплексот започна минатата година, денеска беше кажано дека таа е во напредна фаза. Се очекува овде да работат луѓе од Кавадарци, регионот но и целата држава.

Видео обраќање имаше Хилко Верстиг, вонреден претседател за развој на Јужна Европа на ІHG Hotels and resorts.

Митрополитот Повардарски Агатангел со пофалби за градоначалникот, даде благослов и рече дека се радува за Кавадарци како срце на Тиквешијата и изрази надеж дека комплексот ќе биде изграден за две години, за да се освети. Тој исто така изрази верување дека ќе го следат примерот и други наши од прекуокеанските земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2024 18:32