Турска делегација на чело со амбасадорот на Република Турција во земјава Фатих Улусој денеска ја посети општина Велес. Амбасадорот го придружуваа советникот и заменик-амбасадор Мухамед Челикаја, советникот за верски работи Мустафа Бодур и советникот за трговија Синан Танроен.
Како што информира Општина Велес, во име на градоначалникот Марко Колев, амбасадорот го пречекал претседателот на Советот на Општина Велес Даниел Јаневски и заменик-градоначалникот Коста Нојков. Гостите го посетиле Паркот Каршијака во Велес, кој претставува мост на пријателството и соработката меѓу македонскиот и турскиот народ. Во него е поставен и споменикот на таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Претседателот на Советот и турскиот амбасадор оцениле дека пријателството и соработката на културно и економско поле меѓу Велес и збратимените градови Каршијака, Адалар и Чан треба да се интензивира со почеста комуникација, соработка и меѓусебна посета, како во времето пред епидемијата.
Амбасадорот Улусој бил запознат и со Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“, кој од неодамна е на мапата на светските фестивали, во кој секоја година учествуваат фолклорни ансамбли од Турција. Тој посакал на следниот фестивал да бидат поканети фолклорни групи од збратимените градови, а добил и покана да биде почесен гостин на 20. издание на фестивалот догодина