Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска во чест на 2 Август - Илинден, положи цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Тој во изјава за медиумите ги честиташе двата Илиндена, истакнувајќи дека исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија.
-Овие два Илиндени сами по себе говорат за опстојноста на идејата за слобода, за соживот, за надминување на поделбите, национализмот, пропагандите и за сплотеност околу идејата за еднаквост и рамноправност на сите, независно од различноста и уверувањата. Слободарскиот дух, на илинденците и на асномците ги сплоти сите кои сакаат слобода, правда и социјална еднаквост, независно дали таа нивна борба се водела во епоха на монархии или во време на фашистичка окупација, изјави Филипче.
Тој истакна дека Македонија денес е членка на НАТО, меѓународно афирмирана држава.
-Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација на нашата земја, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна, праведна европска држава, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
-Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни, додаде Филипче.