Во организација на македонското друштво „Мост“ - Голо Брдо, поддржано од друштвото „Преспа“ денеска беше одржана илинденска средба во селото Требиште.
Ова се случува по седум години, до кога беше традиционална и се одржуваше секоја година на празникот Илинден.
На средбата присуствува голем број Македонци од Голо Брдо, од Пустец и други делови кои на почетокот ги поздрави претседателот на друштвото „Мост“ Бесник Хасани, кој изрази големо задоволство од обновувањето на традицијата и честитајќи го големиот празник.
Пред присутните се обрати и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“, поранешен градоначалник на Пустец и експретседател на единствената македонска партија, МАЕИ, кој меѓу другото повика на обединување на Македонците во борбата за остварување на правата во Албанија.
-Повикувам на семакедонско помирување и обединување зашто посилни сме заедно во борбата за остварување на нашите легитимни права, како и одбрана од бугарската пропаганда и обидите на Софија и бугарската амбасада во Тирана за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија. Повикувам на обединување со длабока анализа, за пропустите и слабостите на МАЕИ како носител на македонските процеси во Албанија, да се реорганизира Партијата на вонреден конгрес и заедно да продолжиме, да направиме силна партија која ќе биде конкурентна на политичките процеси во Албанија а не како досега како приврзок на еден партија, Социјалистичка партија, рече Темелко.
Потсетувајќи, како што рече, на „ болната историја на поделба на Македонија“, посочи дека „денеска постои државата Македонија, носител на државноста во неа е македонскиот народ. Македонците останаа да живеат во Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Косово“.
-Денеска бараме унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните. Затоа што Македонците заедно со албанските партизани, се бореа за ослободување на Албанија. Македонците се вградија во темелите на државноста на Албанија. Во Албанија од 1990 година, после падот на режимот на Енвер Хоџа, почнавме борба за права и слободи. Формиравме македонско здружение, друштвото „Преспа“ , почнавме со формирање на македонски здруженија во Врбник, Голо Брдо и Гора. Формиравме Македонска заедница во која се обединија македонските здруженија. И, крајно, формиравме Македонска партија - Македонска алијанса за европска интеграција, чиј прв лидер бев, наведе тој.
До 2019 година до кога бев на чело на МАЕИ, ја „освоивме власта во општина Пустец, ја вративме македонската топонимија, сообраќајните знаци ги напишавме и на македонски јазик, имавме советници во многу општини низ Албанија а по некоја случајност добивме и пратеник во Собранието на Албанија“.
-Меѓутоа, браќа и сестри, слободата не е еднаш засекогаш дадена. За неа треба да се бориме и да се избориме. Ние сме Македонци по потекло, ние сме лојални албански државјани, ја почитуваме државата Албанија, но и натаму ќе се бориме за човековите и граѓански права и слободи на Македонците. За многу години празникот Илинден! Да сте здрави и живе сите. Поздрав и честитки до сите Македонци каде и да се во светот, порача Темелко.
Тој повтори дека Македонците не ги признаваат пописните резултати во Албанија а искажа и голема благодарност до македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која на средбата со претставниците на македонските друштва изрази уверување дека Македонија ќе се грижи за унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија.
Средбата беше збогатена со македонски песни а се виореше и оро, за што покрај другите се погрижи и доајенот на македонската песна Круме Спасовски.