Oткако не успеа да го заташка, МВР го потврди скандалот со пиштолџијата кој СДСМ и медиумите го обелоденија. Откако цел ден молчеа на денот на настанот, МВР вечерта мораше да информира за него што укажува на јасна интенција истиот да се сокрие, изјави денеска на прес-конференција портпаеролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, но не и од нарачателот.

-Тошковски удира по самарот и го штити својот коалициски партнер Африм Гаши, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони. За целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши. Според извештајот на МВР стои дека „Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „Санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба, вели Кузеска.

Со ова, според неа, се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР.

-Прашуваме, зошто ништо не е преземено досега? Дали Мицкоски ќе излезе јавно да побара од него одговорност? Дали МВР ќе покрене постапка? Или решија да го пуштат низ вода обезбедувачот, на сметка да го заштитат нарачателот?, изјави Кузеска.

Побара премиерот Мицкоски итно да го смени Гаши од претседател на Собранието, за што СДСМ ќе му даде поддршка.

-Го повикуваме обивнителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност. Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започна постапки. На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ексорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое него вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговоност за случајот, истакна Кузеска на прес-конференција.

Во врска со изјвавата на Мицкоски дека имал информации за дестабилизација на државата од страна на политичка партија, Кузеска рече дека „премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио“.

-Доколку тоа го прави само а да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чуства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја пратат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ. Секоја најава за дестабилзиација значи грч за граѓаните, грч за економијата, страв и тензија во општеството. Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира, оцени таа.

Побара Мицкоски неодложно да се произнесе прецизно по ова тврдење, претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран, а Обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2024 18:58