Нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме, напиша кавадаречкиот градоначалник на Фејсбук, откако денеска во Кавадарци стартуваше собирање на потписи против изградба на регионален центар за рециклирање и третирање на отпадна гума.
- Сакам да ви се обратам во врска со вчерашната презентација за намера за изградба за фабрика за еколошка преработка на гума. Ве известувам дека Општина Кавадарци заедно со Советот на Општина Кавадарци и јас како градоначалник на оваа општина, нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме. Вложувањето на постоечките ресурси за поздрава животна средина и чисто Кавадарци, во изминатиот период, имаат донесено доста видливи резултати, и Кавадарци со причина за наоѓа на врвот на листата за најчисти и најеколошки општини во нашата земја. Никогаш нема да дозволиме и недолично однесување на поединци кои сакаат да пласираат и низа на дезинформации кон јавноста, сподели Јанчев.
Тој подвлече дека Општина Кавадарци, како и досега, ќе остане крајно транспарентна во сите понатамошни процеси кои ги налага законската регулатива.
- Јас живеам во нашето Кавадарци заедно со мојата сопруга и моите три деца, како и поширокото семејство и нашата намера е дека ќе останеме во убавото Кавадарци. Токму поради тоа секогаш ќе бидам посветен за поздрава животна средина, за екологија на повисоко ниво и ќе продолжам со сите активности кои се во моја надлежност, а кои можат да придонесат за здрав и квалитетен живот, напиша Јанчев.
Во Кавадарци денеска започна собирање потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума.
- Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци. Потписите се собираат на градскиот плоштад во Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на вчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа, се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот.
Јавната расправа беше за животна средина во врска со Г-1 зона.
- Инвеститорот ДССУООТУ „ЕКОВАТИВ ОИЛ“ ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, информираа претставниците на Министерството, кои соопштија дека Општина Кавадарци дала позитивно мислење.
Претставниците што учествувале во изработката на студијата, рекоа дека со ова се решава голем проблем со отпадна гума во државата, станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија, дека Кавадарци бил избран град бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба.
Советникот во Совет на Општина Кавадарци од СДСМ Вуко Мелов, кој е и координатор на советничка листа, рече дека стравот кај населението е оправдан поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на лицата со канцер во регионот.
- Покрај досегашната загадувачка индустрија не ни е потребен уште еден објект во Г-1 зона, нагласи Мелов.
Нова тешко загадувачка Г-1 индустрија, на повидок закана од еколошка катастрофа во Кавадарци !?, јавно прашаа од партијата Левица од Кавадарци, пред почетокот на јавната расправа. Оттаму рекоа дека како партија, секогаш во прв план го ставаат доброто на народот, наспроти, како што соопштија, капиталот и богатењето на поединци на сметка на здравјето на граѓаните.
- Планирано е годишно да се обработуваат повеќе од 12 илјади тони отпадна гума. Парцелата се наоѓа веднаш до регионалниот пат, во кругот на индустрискиот комбинат ФЕНИ, сопственост на поранешната претседателка на Совет на Општина Кавадарци од редовите на ДПМНЕ, Горица Пеливанова Вилхелм. Бројката со која Македонија учествува во создавањето на отпад од гума е минорна. За капацитетот што се планира да може да биде одржлив, следно ќе биде да се увезуваат отпадни гуми од други држави. Очигледно е дека по искорисутвање на достапната гума во РМ, инвеститорот ќе почне со увоз на отпадна гума од странство, прашаа од Левица.
Оттаму истакнаа дека чистиот воздух и здравата животна средина се основно човеково право, а не луксуз. - Анализирајќи ја изготвената студија за оценка на влијанието на животната средина, чијшто нарачател е самата компанија, она што е евидентно е ставањето лажен акцент на огромниот потенцијал за социо-економски развој на општината, вработување на локално и население од регионот, како и намалување на економската миграција на населението, со што инвеститорот на еден утописки начин вешто се обидел да ги скрие негативните последици по здравјето на граѓаните и животната средина, реагираа од Левица.
Притоа упатија апел до сите учесници на јавната расправа, без разлика на политичкото убедување, да го кренат својот глас против отварање на индустрија од ваков животозагрозувачки тип во општината. Бидејќи, како што нагласија, со здравјето на граѓаните не смее да се калкулира.
- Како што собираме пари за лекување болни, ќе собираме и за газдите на локацијата од Кавадарци што ја издаваат за овој проект, ќе им даваме ние наместо да земаат од кирија за овој проект, рече Орданче Бошковски, како претставник на порталот Реално Кавадарци, портал што објави анкета за ова и поголемиот број граѓани се изјаснуваат „против“.
Поради големо незадоволство, јавната расправа вчера беше прекината. Претставниците на Министерството рекоа дека дополнително ќе се утврди како понатаму ќе се постапува.