Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, денеска во Неготино се сретна со претставници на лозарски и земјоделски здруженија. Во изјава за медиумите, тој се осврна на производствените цени за килограм грозје, што ги утврди Земјоделскиот институт во соработка со Земјоделскиот факултет, а се зголемени за 25 проценти.
- Смедеревката изнесува 18,3, вранецот 20,8 денари, за 17, односно 19 шеќерни единици. Ова е согласно калкулациите што ги направила науката, согласно методологијата што ја донесе Министерството. Сметам дека се во границите на реалноста, сепак не можеме да ја оспориме оваа научна институција што ги изработила, врз основа на нивната стручност. Практично ние треба да се потпреме на науката, не можеме да ја потценуваме, рече тој.
Трипуновски потсети дека деновиве имаше серија на состаноци со земјоделски здруженија, со винарските визби, потсекторска група, постојано на дневна основа, комуникација со сите засегнати страни.
- На средба сме со земјоделските здруженија , федерацијата на фармери. Разговараме за производствената, откупната цена, што согласно шеќерните единици, треба да биде платена. Сакам да појаснам дека овие цени што ги истакнаа зголемени за 25 проценти, се цени за шеќерна единица 19 ,,вранец" и 17 ,,смедеревка". Секоја шеќерна единица плус, ќе се доплаќа. Така да, оваа цена не е рамна цена според која што секоја приколка грозје ќе биде откупена, туку согласно од квалитетот. Ако некој дојде со помал квалитет од 19 шеќерни единици, ќе биде за еден денар помалку платено, појасни министерот.
Трипуновски го истакна значењето на квалитетното грозје.
- Она што денеска ќе го комуницираме со земјоделските здруженија, со земјоделците, е, да кажеме дека ова е сериозен прогрес, не можеме да останеме неми на ситуацијата, ако минатата година вранецот беше 18 денари, значи веќе имаме сериозно зголемување оваа година. Исто и за смедеревката, рече тој, додавајќи дека континуирано ќе се следи состојбата со производните трошоци.
Истовремено, додаде, ќе се работи стратегиски и за наредната производствена година и берба.
- Тоа значи дека државата ќе креира мерки и програми што ќе ги намалат производните трошоци, со цел откупната цена да биде прифатлива и за винарските визби што извезуваат, а земјоделците да имаат поголема добивка во делот на производството на грозје. Кога зборувам ќе работиме како Министерство, како влада, мислам на сите сектори што ги покрива нашето Министерство. Не само на лозарството, туку и овоштарството, сточарство и друго, значи едноставно мораме да работиме визионерски, порача тој, напоменувајќи дека треба да го задржиме епитетот винска држава.
Трипуновски потсети дека имаме квалитетно грозје, се произведува квалитетно вино што е широко барано низ пазарите.
- Ние сме на добар пат да развиваме една стратегиска поставеност на оваа ситуација и од година во година да имаме зголемување на цената, истакна тој.
На новинарско прашање дали винарските визби ќе ја почитуваат оваа цена, што е повисока од некои цени што веќе ги истакнаа некои од откупувачите, министерот рече дека бил дециден во текот на вчерашниот ден на состанок со винарските визби.
- Ова е изработено согласно закон. Никој не треба да го крши законот. И треба да се почитува договорената цена и тука мислам дека беше обострано констатирано, оваа ситуација, дека нема да има отстапки од винарските визби, рече тој.
Притоа потенцираше дека процесот на откупот на винското грозје ќе го следат инспектори од Земјоделскиот инспекторат како надлежна институција, практично, направен е план на секое откупно место да има инспектор што ќе биде коректив на процесот.
-Сакаме да ги елиминираме и најмалите простори за сомнеж за манипулација во делот на откуп. Едноставно целиот процес да се заснова и да се спроведе согласно правилата и законот што постои, истакна министерот.
Тој рече дека оваа година ќе има помал род на грозјето, проценките говорат дека ќе се движи помеѓу 65 и 70 милиони килограми. Трипуновски додаде дека една од главните причини за ваквата ситуација е тоа што во изминативе години имало катастрофално водостопанство коешто не успеало да донесе вода или пак немашло доволно количина вода до земјоделските површини. Тоа, додаде, било практично, една од можеби круцијалните ситуации за да има намален род, покрај другите временски прилики.
- Затоа велам дека ние како Министерство, како Влада, веќе наредната година подготвени ќе влеземе во процесот на откуп со намалени трошоци, со навремена количина на вода, со квалитетни препарати за заштита. Тоа е еден државнички пристап. Жалам што до сега некој претходен не го работеше овој системски пристап, меѓутоа, реалноста е таа, ние мораме да се соочиме. Затоа напорно работиме и ќе работиме, за работите да одат на подобро, порача тој.