Филипинецот Карлос Јуло освои два златни медала во гимнастика за два дена. Неговиот подвиг е најголемата сензација во земјата деновиве, а внимание привлекоа и наградите коишто тој ги доби. Поради неговиот одличен успех, и Владата и повеќе филипински компании одлучија да го наградат.
„Нема зборови со коишто може да се опише колку сме горди на вас. Не еднаш, туку двапати освоивте злато за Филипините. А, Филипинците ширум светот се обединети, навиваат за вас“, напишаа претседателот Фердинанд Маркос Помладиот и првата дама на својот интернет-простор.
Филипинската влада ќе му додели на гимнастичарот 10 милиони филипински пезоси (околу 160.000 евра). Тоа е наградата што им е ветена на сите златни медалисти. А пак, Претставничкиот дом вети дополнителни шест милиони пезоси (околу 95.000 евра). Дури и медицинските клиники и универзитетите се вклучија во наградувањето. И Градот Манила најави големо добредојде.
- Ќе го имаме најголемиот пречек за него и за сите наши олимпијци. Кога ќе пристигне, на Јуло ќе му врачиме парични помошти, награди и признанија на вечна благодарност, рече градоначалникот Хани Лакуна.
Покрај тоа, една тамошна агенција за недвижности му даде опремен стан со три спални соби во најголемиот станбен комплекс во главниот град Манила. Тоа не е сѐ... Гастроентеролог му понудил на Јуло бесплатни консултации и колоноскопии доживотно, додека Универзитетот на Минданао му ветил бесплатно образование. Тој, исто така, доби доживотно бесплатни залихи од пилешко на скара и друга храна.