Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, како што рече, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

Ангелов денеска информираше дека во текот на вчерашниот ден имало 37 пожари на отворен простор, а денеска до 16 часот 23. Од нив, како што рече, пет се изгаснати, осум се ставени под контрола, а десет се активни.

- За жал, очекувам во следните неколку часови да се појават нови пожари на отворен простор, бидејќи тоа ни го покажува досегашното искуство, рече Ангелов.

Најтешкиот пожар којшто повеќе од 20 дена се обидуваат да го изгаснат, e пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, како што информираше, којшто во моментов има два крака.

- Кракот што навлегува во ловиштето Јасен е ставен под целосна контрола, додека, врз вториот крак, што се движи во насока на село Белице и ресторанот Белице, утрово дејствувавме со еден словенечки хеликоптер, а од копно делуваме со 15 припадници на полицијата како и 15 припадници на македонската армија. Воедно, на нив им помагаат тројца пожарникари и четири лица од Националниот парк. За жал, на некои места гори квалитетна борова шума, рече директорот.

Во врска со вториот тежок пожар во Пехчево, во насока на селото Негрево, информираше дека дејствуваат со пет ер трактори, а на земја гаснат 15 припадници на армијата, 10 припадници на полицијата, 10 вработени во ДЗС и 32 вработени во Национални шуми.

Ангелов рече дека при овој пожар гори мешана шума, а битката со него, како што рече, ќе трае и следните денови.

На територијата на Општина Новаци, како што дополни, има пожар кој што се провлекува неколку дена околу село Полог, Тегавци, Гнилеш и Пралово.

- Овој пожар го гаснеме од земја, бидејќи гори ниска вегетација, трева грмушки, и трња, но се гледа од далеку и создава силна вознемиреност кај локалното население. Од земја гаснат 15 пожарникари, четири лица од Национални шуми, двајца од ЈКП и десетина доброволци од месното население, рече тој.

Во однос на пожарот на Галичица, кој што, исто така, трае неколку дена, Ангелов рече дека бил ставен под контрола, но пак се разбудил.

- Овој пожар во главно се простира од двете страни на Галичица. Еден крак од охридската, а од другата од преспанската страна. Во моментот на охридска страна во гаснењето учествуваат над 25 вработени во националниот парк Галичица, но и доброволци од спасителната служба од Охрид, вработени во ДЗС, како и граѓани доброволци, додека од ресенска страна во гаснењето учествуваат десетина лица. На охридската страна пожарот се простира во главно во два фронта или два крака еден северен којшто води кон букова шума односно кон планинарската куќарка наречена Спиридом на којшто во моментов работат на расчистување повеќе лица за да не му биде дозволено да влезе во буковата шума, појасни тој.

Западниот фронт, како што дополни Ангелов, е навлезен кон граничниот камен и во моментов се движи кон простор од околу два хектари густа смрека, каде што досега во текот на денот се слушнале најмалку пет детонации, поради што гаснењето нема да се одвива, затоа што има повеќе неексплодирани минско експлозивни средства остатоци од минатите војни, од фронтовите кои што се простирале на Галичица.

- Овој пожар ќе се почека да навлезе во шумата каде што нема мински средства и таму ќе се обидат да го сопрат. На ресенска страна на Галичица кон исток слегува полека и веќе е навлезен во мешана шума и тоа бука, но и зимзелена шума на некои места. Гаснењето би било полесно кога пожарот ќе излезе надвор од шумата. Има пристапни шумски патишта. Во момонтов се чисти еден од овие шумски патишта за да може полесно да се пристапи кон пламените јазици. Доколку пожарот го премине овој пат истиот ќе тргне кон селата Лескоец и Стење од преспанска страна, образложи Ангелов.

За петтиот пожар што се одвива на територијата на општина Кичево, кај село Пласница, село Латово, но и во насока на Општина Македонски Брод, информираше дека го гасат пет вработени во Национални шуми, а гори трева, грмушки, ниско стеблести растенија.

За пожарот што се наоѓа на територијата на општина Кочани, во атарот на село Пресека рече дека во гаснењето учествуваат четворица пожарникари, како и пет доброволци пожарникари.

Во врска со пожарот што се одвива на територијата на Општина Маврово Ростуше кај село Врбен, рече дека се гаси со еден словенечки хеликоптер, но истовремено има и еден полициски голем хеликоптер МИ 171. Воедно од земја гасат 30 вработени во Националниот парк и десетина доброволци од месното население, а на некои места се зафатени ела, смрека и сува трева.

Пожарот во Општина Прилеп кај село Смолари го гаснат локалните пожарникари.

Додека, за најновиот пожар кој изби на територијата на Општина Гостивар, кај село Тучевиште, се очекува противпожарната екипа која што е на лице место брзо да го изгасне, бидејќи во овој момент гори само сува трева.

- Во меѓувреме се појавија уште неколку помали пожари коишто пожарникарите ќе се обидат да ги совладаат во прва фаза. За нас е многу важен тој почетен напад врз пожарите бидејќи и најмалиот пожар за миг може да се претвори во страотен пожар за кој што потоа ќе бидат потребни денови, но и огромна количина на ресурси да биде изгаснат, рече Ангелов.

Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикаат пожар на отворен простор, и ги повика доколку забележат чад или отворен оган да ги пријават на бројот 112, но, доколку се сомневаат дека одредено лице подметнало некаде пожар, истото да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112.

Ангелов посочи дека во текот на јули имало 765 пожари на отворен простор меѓу кои и шумски пожари.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2024 04:10