Пожарот на планината Галичица од македонската страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег. Тоа се последните информации од терен што ги соопшти градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Како што објави Пецаков, во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Пецаков уште посочува дека се очекува во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух.

- Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии. Се надеваме и веруваме дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму, вели Пецаков во неговата објава на социјалните мрежи.

Тој уште упати апел до медиумите и населението да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2024 04:35