Во Командата за обука и доктрини (КОД) во салата на Војничкиот клуб на касарната во Велес денеска свечено беше одбележан претстојниот Ден на Армијата. На свеченоста, некои од припадниците на КОД како стимулативна мерка, по повод празникот беа наградени со сребрена плакета, златна сребрена и бронзена значка, а некои и унапредени во повисоки чинови на Армијата, со указ на началникот на генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а им ги додели свечено заменик командантот на КОД, полковник Лулзим Нуредини.

Во своето обраќање Нуредини во присуство на бројни гости, на припадниците на Армијата од КОД им го честита претстојниот празник 18 август, посакувајќи им здравје, успех и желба заедно да го прославуваат уште многу години.

Тој потсети дека 18 август се слави како Ден на Армијата со одлука на Владата од 3 јуни 1993 година, кога со наредба на Штабот на 2 –та оперативна зона на 18 август 1943 година на Славеј планина се формирал баталјонот „Мирче Ацев“ кој претставува прва легална воена формација за ослободување на Македонија.

Полковник Нуредини потенцира дека Армијата дава придонес во зајакнување на Јужното крило на НАТО и со свои единици активно учествува во мировните операции, како и во извршување на задачи во зачувување на мирот на Косово, БиХ.

-КОД несомнено како дел од Армијата низ годините како и сега, покрај активното учество со свои припадници во сите мировни операции на НАТО, има голем придонес во градење на капцитетите на сите останати единици на Армијата преку активно учество во обуката и подготовката на идните офицери и подофицери. Во развој на доктрини, правила и упатства, изучување на англискиот јазик, развој на капацитетите за изведување на различни форми на обуки и вежби на симулациска платформа или на АП Криволак како и обука и одгледување на службени кучиња за потребите на Армијата, рече Нуредини



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2024 18:57