Град Скопје со допис до медиумите попладнево го повика премиерот Христијан Мицкоски „да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот“, откако тој денеска изјави дека прифаќа се што е во интерес на скопјани, одговарајќи на вчерашниот предлог од Градот - да формираат посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во главниот град.

-Раководството на град Скопје е подготвено уште утре да седне на заедничка маса со Претседателот на Владата. Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение, е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на јавните претпријатија, информира прес-службата на Град Скопје.

Во соопштението е наведено дека воедно очекуваат и потврда за предлогот за формирање заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје.

-Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата на Р. Македонија, во корист на граѓаните на градот Скопје, пишува во соопштението.

Коментирајќи го овој предлог од градоначалничката Данела Арсовска, Мицкоски денеска изјави дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.

-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиниката за дигестивна хирургија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2024 19:02