Продолжува градежната офанзива за обнова на патната инфраструктура низ општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во реконструктивните активности на улицата “Христо Татарчев”. Се работи за еден пообемен потег кој се протега на површина од околу 7000 квадратни метри. Средствата за овој проект се обезбедени преку Светска Банка и Министерството за транспорт и врски.
-Денес се наоѓаме на улицата “Христо Татарчев”, каде ќе се врши целосна реконструкција на потегот од бензинската “Мечкаров” до кружниот тек на последната станица на автобусот со бр.24. На површина од околу 7000 квадратни метри дотраениот оштетен асфалт ќе се замени со нов, што значи и поудобен и побезбеден сообраќај. Би сакал да се заблагодарам на Светска Банка и Министерството за транспорт и врски кои ја препознаа и финансиски ја поддржаа нашата визија, што ја овозможи реализацијата на овој проект. Истиот, е дел од нашите заложби за темелна обнова на патната инфраструктура низ целата општина. Од општина во која улиците не беа санирани, реконструирани по 30, 40 и 50 години, креираме една нова слика за Кисела Вода, како општина во која повеќе нема да има неасфалтирана улица.