Почнаа уписите на студентите во прва година за академската 2024-2025 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, информираше на денешната прес-конференција проректот на УГД, Мишко Џидров. Посочи дека првиот уписен рок ќе се одвива во наредните четири дена, односно до 23 август. Кандидатите за упис во прва година на некој од 12 Факултети и трите Академии по електронски пат аплицираа, а од денеска ги посетуваат неколкуте центри на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип да ги поднесат потребните документи.
-Понатаму ние ги верификуваме нивните податоци и во текот на овој прв уписен рок ќе ги рангираме и ќе имаме прелиминарни резултати. Вториот уписен рок е на 5,6 септември, потоа третиот уписен рок е на 18,19 септември. Да напоменам дека сите кандидати кои влегоа во нашиот систем, направија свој профил, ги направија основните плаќања и ги внесоа своите основни информации и ги повикувам во овие четири дена да ги поднесат документите и во овие жешки денови не мора да патуваат до Штип. Студентите може документите да ги достават до нашите центри на Универзитетот, каде што им е и најблиску и тоа во Скопје, Гевгелија, Кавадарци, Струмица и Штип, вели Џидров.
Тој истакна дека на Универзитетот „Гоце Делчев“ има околу 3.900 слободни места за идните бруцоши, а поволности има за најдобрите студенти кои ќе се пријават во првиот уписен рок, односно ќе бидат ослободени од плаќање на партиципација, додека на Филолошкиот факултет сите студенти кои ќе се запишат ќе бидат ослободени од партиципација. Покрај студиските програми на македонски јазик и оваа година на неколку факултети има и програми на англиски јазик.