Решение за проблемите со јавниот превоз и нечистотијата во главниот град, скопјани ќе чекаат на седница на Советот на Град Скопје, каде пред советниците треба да се најде нова предлог програмата за работа на ЈП Комунална хигиена и програмата за јавна чистота. Во меѓувреме, продолжуваат обвинувањата меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсковска и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Средбата во Влада, на почетокот на неделата, меѓу премиерот Христијан Мицкоски, Перински и Арсовска, само ја загреа реториката и меѓусебните обвинувања. Арсовска вчера на прес-конференција обвини дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ го блокираат работењето на градот, додека Перински, порача дека Арсовска не е конструктивна и оти проблемите во Скопје можат да се решат „уште утре“ ако Арсовска почне да си ја работи работата.

Нова шанса за решение ќе има утре, на седница на Советот на Град Скопје, на која ќе треба да бидат презентирани нови предлог програми за јавните претпријатија и тие да бидат изгласани од советниците.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински вчера порача дека најбрзо решение за проблемите во Скопје е градоначалничката Данела Арсовска да почне да ја работи работата, да предложи соодветен план усогласен со советниците во Градот и тој да биде усвоен. Владата може да помогне, додава, но, прво таа треба да ја заврши работата. Тој не исклучлува можност за одземање на ингеренциите, но, нагласува дека тоа е подолг процес и додека тој трае граѓаните и натаму ќе се соочуваат со проблеми.

Министерот Перински потенцира дека многу од општините имаат проблеми со самоодржливоста.

-Ние како Влада цениме дека проблемите на граѓаните на градот Скопје можат да се решат утре, само доколку се постапува институционално согласно законски утврдените надлежности кои ги има Градот Скопје и јавните комунални претпријатија. Затоа замоливме овој план да се предочи во рамки на Градот Скопје, во Советот, за да се усвои. Секоја останата постапка сама по себе одзема и повеќе време и има правни пречки за да се спроведе во целост, ако мислите на барањео на ЗЕЛС. Значи по два основа го анализираме - правниот модалтет дали согласно постоечките закони може да се спроведе и што значи тоа во пракса и колку време ќе треба за подобро утре и почисто Скопје, рече Перински во гостивањето во дневникот на Сител телевизија.

Перински додаде и оти се повеќе размислува и за поднесување кривична пријава против Арсовска, бидејќи, како што рече, во Кривичниот законик покрај тоа што казниво дело е секое постапување надвор од ингренциите, казниво е и не постапување согласно ингренциите.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, вчера, на прес-конференција, ги обвини советниците од редовите на владеачката партија за блокада во Советот на Град Скопје, а одговорноста за проблемите со кои се соочува Градот рече дека треба да се бара кај нив. Советниците на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска вели блокираат планови за работа без кои што претпријатијата не само што не можат, туку и не смеат да работат.

Градоначалничката посочи дека на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но како што рече, средбата наликувала на „политички циркуз за добивање политички поени”.

Истакна дека на средбата, меѓудругото, предложила да свика вонредна седница на Советот на Град Скопје, каде советниците би ја изгласале програмата за работа на ЈП Комунална хигиена и програмата за јавна чистота, за која, вели, седми месец советниците на владеачката партија не ја гласаат.

– Презентиравме решенија за надминување на блокадите во Советот на Град Скопје, блокади кои што ги креираат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои три години скопјани ги држат заложници за тоа што не ги имплементираат политиките кои што се неопходни за нашите сограѓани. Предложивме вонредна седница каде советниците ќе ја изгласаат програмата за работа на ЈП Комунална хигиена и за јавна чистота, која што, за жал, седми месец по ред не ја носат. Програмите за работа вообичаено се носат на крајот на годината или на почетокот на годината, а ние сме веќе во втората половина на годината и оваа програма за јавна чистота се уште не е донесена, вели Арсовска.

Градоначалничката додаде дека на средбата предложила и план за набавка на нови еколошки автобуси, според кој советниците би формирале комисија за набавка на нови автобуси и би ја спровеле целата набавка, а таа само би ја потпишала.

–Ова не е ништо ново, ова е веќе понудено две години по ред на секоја седница, пред секоја седница, рече Арсовска.

Од Градот, преку соопштение, го повикаа советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, доколку сака да биде од корист на скопјани, „на следната седница да гласа за програмите за работа на јавните претпријатија“, откако тој изјави дека „треба сериозно да се разгледа можноста за кривична постапка за градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за неисполнување на законските обврски и надлежности согласно закон“.

Во однос на прашањето зошто Советот не ги гласа програмите на Арсовска и што ќе направат за да ги решат проблемите, Стојановски, одговори дека тоа што сите советнички групи не ги гласаат програмите е доказ дека не се доволно потковани.

- Ние како советничка група сме секогаш подготвени да изгласаме сè што е во интерес на граѓаните, што е во рамките на законот, но никако поинаку, никако во интерес на Арсовска и нејзините бизнис зделки, посочи советникот.

Според професорот Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ, потребно е системско решение за проблемот со Град Скопје и дека треба да се создаде силна рамка на конрола, отчетност и мониторинг на работата на јавните претпријатија.

Законот, вели Треновски, е зрел за промени не само во делот на услугите, туку и во делот на распределбата на средствата. Според Треновски, ситуацијата е зрела за да се седне и да се изнајде нов начин на функционирање



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2024 04:52