Македонските ученици Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица освоија три бронзени медали на осмата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која од 16 август до 22 август 2024 година се одржува во Кишињев, Молдавија.
Како што информира денеска Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), се работи за најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години.
Четврт член на македонскиот тим е Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков првпат учествува на интернационален натпревар по информатика. Тимот беше раководен од лидерите Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Овие ученици, како што се наведува, беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
- Ако се вклучат и овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно еден златен и шест бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата, се вели во соопштението.
Претседателот на ЗИМ д-р Миле Јованов изјави дека ова е многу висок резултат за нашата држава.
- И покрај редовните системски пречки кои ни се случуваат од страна на државните институции, намерни, ненамерни или како спореден ефект од други активности, со волонтерско залагање на членовите на ЗИМ, истакнати професионалци информатичари успеваме да постигнеме крајно високо ново на знаења на учениците. Три медали за Македонија е многу висок резултат, ако се земе предвид и големината на нашата земја. Дополнително, годинава и на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија три медали, а Македонија беше меѓу првите четири најдобри земји. Се уште чекаме одговор на барањето до МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како законска обврска на МОН која произлегува од Законот за основно образование, појаснува Јованов.
Тој информира дека се подготвуваат за учество на Интернационалната олимпијада во Египет.
- Најголем дел од нашите напори се за организирање Балканската олимпијада по информатика на која ние ќе бидеме домаќини од 20-ти до 26 септември во Охрид. Бидејќи покривањето на сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да го обезбедиме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да ни помогнат во организацијата на овој настан, порача Јованов.
Официјален домаќин на ЕЈОИ 2024 е Република Молдавија, а главен организатор е Министерството за образование и истражување, заедно со Националната агенција за наставна програма и евалуација на Република Молдавија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од четворица натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
На ЕЈОИ годинава учествуваат вкупно 98 ученици од 26 европски земји. Следната, деветта Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025) ќе се одржи идната година во Азербејџан.
Македонските ученици – информатичари ќе учествуваат на Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024), која ќе се одржи од 1 септември до 8 септември 2024 во Александрија, Египет.