Навидум разрешница на кризата во Градот Скопје за комуналните проблеми и недоволниот број на автобуси за превоз на патници. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска имаше средба со координаторите на советничките групи, по која претседателот на Советот Трајко Славески кажа дека советничките групи на наредната седница на 29 август ќе ги поддржат дополнителните програми за работа на „Комунална хигиена“ за вработување на околу 120 лица, како и за средства за ЈСП со пренамена од друг проект со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси.

Во изјава за медиумите, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека ќе ги замоли советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите за кои градоначалничката Арсовска тврди дека ги блокираат, но смета дека тоа нема ништо да смени.

- Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат програмите, но, не е до програмите, ќе видите веднаш, рече Мицкоски на новинарско прашање.

Арсовска претходно изјави дека на средбата со Мицкоски за состојбите во главниот град и било кажано дека долгот на Владата од осум милиони евра за бесплатниот студентски превоз што го реализира ЈСП Скопје би се исплатил со ребаланост преку повлекување на средства за изградба на нов булевар во Визбегово, но премиерот рече дека „тоа не е баш така како што било соопштено од градоначалничката“.

За барањето за подмирување на долгот се осврна и министерката за образование и наука Весна Јаневска која информираше дека до МОН пристигнале фактури за огромни средства за кои Град Скопје тврди дека Министерството е должно да ги исплати заради бесплатниот превоз на студентите, но, како што вели Јаневска, нема ниту спогодба, ниту основа за тоа.

-Не знам дали градоначалничката планира со други средства да го исплаќа долгот. Точно е тоа дека до МОН пристигнаа фактури за огромни средства за кои Град Скопје тврди дека ние сме должни да ги исплатиме заради бесплатниот превоз на студентите. Ние немаме ниту спогодба со ЈСП, ниту со Град Скопје и како министер немам основа за исплата на тие средства. Доколку не се најде некакво поинакво решение за овие средства ќе мора да одиме на суд. Ниту јас, ниту оваа Влада е таа која ветуваше бесплатен превоз, рече Јаневска.

На вчерашната средба за координација во Град Скопје на која присуствуваа координаторите на советничките групи, претседателот на Советот Трајко Славески посочи дека директорите на Комунална хигиена и на Паркови и зеленило со оглед дека се нови на функцијата, само 10 -тина дена, не можеле да дадат конкретни одговори на прашањата, и останало дополнително советници да бидат информирани за прашањата што ги поставувале.

-На состанокот од јавните претпријатија беше нагласено дека им е потребна дозвола за набавка на нова механизација, опрема и др. Јас забележав дека нивните инвестициски планови се одобрени од страна Советот на Град Скопје уште на почетокот на годината, како и во претходните години и се поставува прашање што правеа кога ни кажуваат дека во просек возилата и опремата им се стари над 20, а во некои групи и 30 години, вели Славески.

Во однос на јавниот превоз во Град Скопје, кажа дека и на средбата во понеделникот било констатирано дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси кои би го зголемиле возниот парк, но и дека добар дел на возниот парк е нефункционален. Повтори дека од Владата била изразена подготвеност дел од средствата кои се неискористени, а се наменети за инфраструктурен проект во Град Скопје да се префрлат на сметката на Град Скопје за рехабилитација на одреден број на автобуси што не се во функција, во пресрет на почетокот на новата учебна година.

- Овде имаме два клучни датуми. Едниот е 1 односно 3 септември кога е почеток на учебната година за основците и средношколците и мала пауза додека студентите не се вратат на факултетите. Според проценката на директорот дури 30 автобуси би можеле да бидат поправени и да се стават во функција доколку овој договор околу префрлањето на средства од страна на Владата и започнување на сервисирање на оној долг од осум милиони евра што претходната Влада го направи кон ЈСП, рече Славески.

Тој изрази очекување дека од 1 септември јавниот превоз во градот ќе функционира, но не оптимално како што посакува.

-Нема закочени процеси во Советот за Град Скопје, ако станува збор за закочување тоа е една програма, која ја спомнав, да се дозволат нови 120 вработени во „Комунална хигиена“. Се разбира, ќе ги разгледаме и другите програми кои што не се донесени, рече Славески на новинарско прашање дали од 29 август ќе се откочат работите во Советот на градот.

Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска ги повика советниците да ги поддржат плановите на Град Скопје, Славески повтори дека до сега единствено не била изгласана Програмата за дополнителни активности за „Комунална хигиена“ за дополнително сезонско вработување на 120 работници. Тој, смета дека и со сегашната бројка ова ЈП би можело добро да функционира.

Буџетот нема 8 милиони евра да го подмири долгот, создаден во претходните неколку години за бесплатниот превоз на студентиот, рече Славески и дополни дека постои расположение тоа да се прави сукцесивно. Во однос на БРТ системот, потсети дека претседателот на Владата во понеделник изрази сомнеж дека за кусо време советниците би дале дозвола за продолжување на овој проект.

За 12 месеци нема ниту еден нов реализиран проект од програмата на градоначалничката Данела Арсовска.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Гордан Шутаров изјави дека на средбата директорите упатиле апел да се изгласа програмата за сезонски вработувања во ЈП Комунална хигиена и за започнување на процедура за набавка на нови автобуси, како и на отпочнување на реализација на БРТ системот (Бас рапид транзит сисстем). Тој изарзи жалење што програмите на дел од јавните претпријатија во изминатите 2022 до 2023 години не биле гласани од Советот за што било потребно мнозинство од 23 советници, укажувајќи при тоа дека апелирале до сите, а особено до советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која има мнозинство пратеници да ги поддржи, и го поздрави повикот на претседателот на Владата да се изгласаат програмите на Град Скопје.

- Мене ми е драго што премиерот повикал да се изгласаат тие програми затоа што станува збор за Совет на Град Скопје кој носи одлуки во интерес на граѓаните за да го направи животот на граѓаните подобар, рече Шутаров.

Во однос на Бас рапид транзит системот, за кој е донесен закон во Собрание, и се обезбедени средства од ЕБОР од 70 милиони евра, Шутаров повика советниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и Владата да заземат став за овој проект, оти смета дека тој е решение за јавниот превоз во Скопје со кој се модернизира и оптимизира јавниот градски превоз.

И министерот за локална самоуправа Златко Перински, потврди дека има одредено поместување во насока на, како што наведе, конструктивно однесување од страна на градоначалничката на Град Скопје кон Советот и советниците.

Владејачката партија, вели Перински, има 14 советници во Град Скопје, од вкупно 45 во рамки на Советот, посочувајќи дека на јавните комунални претпријатија не им треба глас во Советот за да ја обавуваат нивната законски утврдена надлежност.

– Фактите се дека никој не може да го спречи директорот или менаџментот на едно јавно комунално претпријатие да си ја обавува својата законски утврдена надлежност. На ЈСП не му треба глас во Советот на Град Скопје за да ги сервисира автобусите, на ЈП Комунална хигиена не му треба глас во Советот за да ги сервисира камионите, цистерните и тн. Им требаат финансии и волја, вели Перински.

Според Перински, потребен е континуитет во работата на јавните комунални претпријатија, бидејќи се работи за комплексни системи со повеќе од 1.000 вработени, каде, како што рече, на секои три месеци има нов менаџмент, кој „нема време во целост да навлезе во материјата со која што треба да се справи“.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2024 16:05