Заврши снимањето на краткометражниот филм „Нова Енергија“, кој е во режија и по сценарио на Сара Климоска и корежисер Радован Петровиќ, а во продукција на „NEST Production“ на продуцентот Јорданчо Петковски.

- „Нова Енергија“ ја следи приказната на две најдобри другарки кои низ заемна емотивна и практична поддршка успеваат да создадат нов заеднички живот бегајќи од токсичноста на нивните партнери. Ова е филм кои создава две хероини и преку нив ја слави женската исклучителна и некршлива конекција и нуди свежа перспектива за женските односи која ретко се видени во секојдневните медиуми, велат од „NEST Production“.

Главните улоги во филмот ги играат Сара Климоска и Тамара Ристоска. Освен нив, во „Нова Енергија“ настапуваат и Зоран Љутков, Александар Стоименовски, Мирјана Трпковска Костовска и Елена Сековска.

- Директорката на фотографија, Бојана Андриќ е една од најзначајните личности во Србија во областа на кинематографијата, позната по својата работа на многу успешни филмови како и потпретседателка на светската асоцијација на сниматели ИМАГО. Филмската екипа брои и талентирани автори како Горан Игњатовски (маскер), Михаил Панев (сценограф), Розе Трајчевска (костимограф), соопштуваат од „NEST Production“.

Оттаму истакнуваат дека „Нова Енергија“ е независен филм реализиран благодарение на приватни донации и компании пријатели на филмот. Копродуценти се „Вижн Тим“ – „Vision Team“ и Филмоскопија од Србија, JES Продукција и „Контраст филм“ од Скопје, а главни спонзори се Винарија Тиквеш, „Спорт Лаб“ и „Монозеро“.

По завршувањето на постпродукцијата, филмот „Нова Енергија“ ќе започне со прикажувања на домашни и меѓународни филмски фестивали, а подоцна ќе биде достапен и за пошироката публика.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2024 04:11