Институтот за духовно наследство на Албанците – Скопје денеска го организираше четвртото издание на традиционалната културно-научна манифестација „Светлината на Гонџе“, која се совпаѓа со 114-годишнината од раѓањето и 27-годишнината од смртта на Мајка Тереза.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Мајка Тереза е нишката која ги поврзува сите кои живееле на овие простори и посочи да го следиме нејзиниот пример на хуманост и добрина.

-Таа беше скопјанка која поголемиот дел од животот го помина во Индија, во земјата која е втора по бројот на жители во светот и седма по географска големина чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространите империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја. Денес Мајка Тереза му припаѓа на светот. Нејзиниот живот не познаваше граници, ниту разлики и таа обединуваше различни култури, различни луѓе и народи. Таа е и најдобриот мост на поврзување денес и во местото од каде потекнува Скопје. Таа е нишката која ги поврзува Македонците, Албанците и сите кои живееле на овие простори, но и пример кога срце полно со љубов е спремно за големи подвизи и победа над сите предрасуди и препреки. Да извлечеме поуки од оваа голема Скопјанка и хуманиска, да се почитуваме едни со други, да споделуваме грижа, да ги помагаме обесправените, угнетените и сиромашните. Да го следиме примерот на Гонџа која го менуваше светот. Само така ќе обезбедиме иднина за сите, рече премиерот.

Мицкоски потенцира дека таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна.

-Мајка Тереза често велеше „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Таа беше често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умираа низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живееше едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот. За Мајка Тереза стана добитник на бројни признанија и награди за исклучително хумано ангажирање во згрижувањето на најсиромашните од сиромашните, поради што ја доби и Нобеловата награда за мир, рече Мицкоски.

Скендер Асани - настан за Мајка Тереза

Директорот на Институтот за духовно наследство на Албанците – Скопје, Скендер Асани истакна дека Светата Мајка Тереза е најуникатна личност на светот која својата припадност ја изградила врз принципите на хуманост и хуманата човечност, а не на која било друга припадност што би го стеснила нејзиниот опсег. Потенцира дека тие како Институт преку посебни публикации, но и преку културни и научни активности во рамки на Одделот за изучување на духовното наследство на Гонџа Бојаџиу Мајка Тереза успеале да ја создадат потребната дистанца на пристап до оваа фигура ослободувајќи ја од тесните рамки на националната припадност за да се префрли влијанието на пошироката диоптрија на набљудување, бидејќи, како што рече, конечно, самата таа ја прошири оваа диоптрија на начин на кој солидарноста и разбирањето на глобализираното човештво, бришење на границите на етничките, верските и расните поделби.

-За Светата Мајка Тереза зборувале и пишувале стотици и стотици луѓе без разлика дали се автори на дела или различни личности. Луѓето од нејзината земја на потекло веројатно најмалку зборувале и пишувале за оваа голема жена не затоа што покажале недостаток на почит кон неа, туку затоа што обично за големите личности каква што беше таа доаѓаат од просторите на различни делови од земјината топка. Ова е исто така сведоштво за ефектите кои нејзиното влијание ги произведе во зголемувањето на човечката свест кон сиромаштијата, болеста и осаменоста. Сета оваа хуманост и теолошка филозофија на Света Мајка Тереза не беше остров изолиран од нејзиниот светоглед како личност која уште од младоста била определена за мисијата на жртва за другиот. Целата нејзина причина беше долгиот пат по кој чекореше напуштени и болни луѓе кои на крајот ја најдоа топлината во нејзиниот збор и рака, рече Асани.

Во рамки на денешниот настан беше промовирано истоименото списание „Светлината на Гонџе“ објавено од Институтот за духовно наследство на Албанците – Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2024 03:57