Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ја посети специјализираната болница за нефрологија во Струга, каде во тек е реконструкција и подобрување на условите за третман на пациентите во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата шема“.

Досега, што соопшти ресорното министерство, набавен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, набавен, инсталиран и ставен е во функција систем за реверзибилна осмоза, а поставени се и соларни панели на покривот на објектот.

- Проектот е во завршна фаза, предвидено е до крајот на годинава целосно да биде имплементиран со што значително ќе бидат подобрени условите за лицата кои имаат потреба од хемодијализа. Несомнено е дека современи објекти и медицинска опрема се суштински за соодветен третман на пациентите и за ефикасно и непречено функционирање на секоја здравствена установа, истакнал Перински.

Директорот на болницата Јетмир Зиба, според соопштението на Министерството за локална самоуправа, посочил дека установата ќе ги намали трошоците за електрична енергија и комплетно ќе биде реновиран делот за „холидеј дијализа“.

Во последниот квартал од годинава, останува да набавиме 17 кревети, три телевизори и болнички сет наменети за „холидеј дијализа“, по што на тој оддел дневно ќе можат да се лекуваат по 60 пациенти, информирал Зиба.

Вредноста на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ е 26.043.286 денари. Преку Министерството обезбедени се 11.324.000 денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9.200.000 денари, а финансики удел има и болницата со 5.519.286 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2024 04:04